Околу 84.000 лица се раселени по земјотресот на западот на Индонезија во кој, на 7 декември, настрадаа повеќе од 100 лица, а повредени беа околу 700, соопштија денеска индонезиските власти.
Епицентарот на земјотресот со плитко жариште и магнитуда од 6,5 степени по Рихтеровата скала, бил во областа Пиди Џаја, во северниот дел Ачех, во околината на селото Рулет.
Цивилната заштита наведе дека една недела по потресот се зголемил бројот на раселените.
„Локалното население се плаши од нови земјотреси. Се чувствуваат посигурни во привремените засолништа“ наведоа претставници на цивилната заштита.
Катастрофалните земјотреси се чести во Индонезија, а еден од најсилните, со магнитуда од 9,1 степени се случи во декември 2004 година на Суматра, каде предизвика цунами во кое настрадаа повеќе од 100.000 лица.
Извор: meta.mk