Партиите до ДИК доставиле 16 приговори, СДСМ и Беса по осум

До државната изборна комисија поднесени се 16 приговори кои се однесуваат на текот на гласањето на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември, но и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите.

„СДСМ и партијата Беса поднесоа по осум приговори. Приговорите на Беса се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково, а приговорите на СДСМ во моментот се архивираат затоа што правниот тим на СДСМ ги донесе во 19 часот. Откако ќе се архивираат, ќе знаеме за кои општини станува збор “– вели за „Мета“, портпаролката на ДИК, Аријета Џемаили.

Рокот за поднесување приговори за постапката за гласање истече денеска во 19 часот. ДИК сега има рок од 48 часа да одлучува по поднесените приговори, што значи дека до четврток во 19 часот Комисијата треба да донесе одлука.

Рокот за поднесување приговори за постапката за сумирање и за утврдување на резултатите согласно законот истекува денеска на полноќ.

Извор: meta.mk