Дискусии за одбранбените реформи, проектите и исполнување на стратегиската цел – членство во НАТО

„Вашата несебична помош и поддршка е потврда за одличната одбранбена соработка помеѓу Република Македонија и вашите земји. Вашите совети и помош се од големо значење за понатамошниот процес на реформи, како и за остварување на стратегиската цел – членство во Алијансата“, истакна државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска – Ристова, на денешната традиционална средба со одбранбените аташеи која се одржа во Домот на АРМ во Скопје. На средбата стана збор и за одбранбените реформи во Министерството и Армијата, како и плановите и приоритетите за следната, 2017 година.

Македонија како одговорен член на меѓународната заедница и во 2017 година го продолжува придонесот во меѓународните мировни мисии. На средбата државниот секретар се осврна и на исклучително важниот проект за модернизација на АРМ, за што, спомена, има одлука на Владата на Република Македонија и веќе дефинирани финансиски средства во следните десет години. Во однос на местото и активната улога на Република Македонија во регионот, државниот секретар посочи на отворањето главниот штаб на Балканските медицински наменски сили во Скопје, како и на фактот дека Македонија ќе биде домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа во периодот 2020-2026 година.

Унапредувањето на интеропративноста преку учество во заеднички вежби и имплементацијата на највисоките стандарди и практики во НАТО останува во врвот на приоритетите на Министерството и на Армијата. Во следната 2017 година остануваат стратегиските цели на Македонија – членството во НАТО-Алијансата и Европската Унија, додека приоритетите се продолжувањето на процесот на реформи и развојот на билатералната соработка со партнерите.

На традиционалната средба, покрај одбранбените аташеи акредитирани во Република Македонија, учествуваа и високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

dsc_5363_resize