Операцијата за евакуирање цивили и борци од последните делови на Алепо, кои беа под контрола на бунтовниците, денеска е суспендирана, а како што пренесуваат светските агенции, на местата каде што се наоѓаат автобусите за евакуација се чуле четири експлозии.
Засега не се откриваат детали.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, претходно на „Твитер“ напиша дека пет конвои евакуирале повеќе од 7.000 лица.
Светската здравствена организација соопшти дека на хуманитарните организации, без какво било објаснување им е речено да го напуштат источниот дел на Алепо, откако е суспендирана евакуацијата на цивилите и на борците од тој дел на градот.
Претставничката на СЗО во Сирија, Елизабет Хоф, изјави дека пораката најверојатно дошла од Русите, кои ја надгледуваат областа. Таа додаде дека нејзиниот тим од источниот дел на Алепо нема контакт со сириските власти.
Извор: meta.mk