Истече рокот за поднесување тужби на партиите до Управниот суд

Ноќеска на полноќ истече рокот за поднесување тужби од политичките партии до Управниот суд во врска со одлуките на Државната изборна комисија за приговорите за текот на гласањето на изборите на 11 декември.

По поднесувањето на тужбите, пет судии од Управниот суд, избрани по пат на жрепка, во рок од 48 часа, на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите, а одлуките во рок од 24 часа треба да се објават на веб-страницата на судот, како и на веб-страницата на ДИК. Одлуките на Управниот суд треба да го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.

Движењето Беса вчера сооопшти дека нема да поднесе приговори до Управниот суд, бидејќи, како што беше кажано од партијата, не веруваат во независноста на судот. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, пак, соопшти дека до истекот на рокот ќе поднесат четири тужби до Управниот суд што се однесуваат на гласањето во избирачки места во шестата изборна единица.

„Управниот суд е должен да ги земе предвид сите основани аргументи во тужбите. ДИК не одговори на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите. Институциите мора да работат во служба на граѓаните“ – изјави Шилегов.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа соопшти дека поднеле тужба до Управниот суд поради решението на Државната изборна комисија со кое се уважи приговорот на БЕСА и се поништија резултатите од гласањето на гласачко место во општина Гостивар, во шестата изборна единица.

Државната изборна комисија ги одби сите приговори на СДСМ, а прифати еден од приговорите на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар, каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог.

Извор:meta.mk