Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ги објави резултатите од спроведувањето на програмата „Еразмус плус“ во 2016 година. Според податоците годинава била исклучително успешна. На повикот објавен за предлог-проекти за „Еразмус плус“, во Агенцијата пристигнале 328 апликации, од кои одобрени биле 89 проекти. Тие ќе бидат имплементирани во текот на оваа и во наредните две години, во зависност од периодот на времетраење за секој проект одделно.
Буџетот за 2016 година, заедно со дополнителните средства кои се одобрени од Европската комисија за партнерски проекти, односно стратешки партнерства во образованието е реализиран 96 проценти, односно со корисниците се потпишани договори за грант во износ од 4.861.562 евра.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност веќе го објави и повикот за предлог-проекти за 2017 година, со што ги повика заинтересираните кандидати да ги подготват и предадат апликациите согласно предвидените рокови. Инаку, буџетот во ракми на Еразмус плус програмата кој за 2017 година им е достапен на македонските ученици, студенти, наставници, професори, волонтери, граѓански здруженија, изнесува 6,25 милиони евра.