Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски беше во посета на градежните активности кои се одвиваат на терен околу доизградбата на фекалната канализација во Мешеишта. На терен градежните активности се одвиваат согласно динамиката предвидена со договорот за доизградба на фекалната мрежа, а станува збор за доизградба на фекална мрежа, со вкупна должина од 1530 метри, со што ќе се изврши поврзување на веќе изградената фекална канализација во село Мешеишта со колекторскиот систем кој ги поврзува селата Горенци, Требеништа, Волино, Мешеишта и Климештани, изграден пред извесен период.
„Со ставањето во функција на фекалната канализација во Мешеишта ќе се приберат отпадните води од селото Мешеишта и ќе се спроведат до главниот колектор кој се протега покрај реката Сатеска. Поради непостоењето на фекална мрежа во селото Мешеишта, отпадните води се собираат индивидуално во септички јами, што значи загадување на подземните води и уништување на животната средина“, истакна Трајкоски.
Доизградбата на фекалната канализација во Мешеишта е дел од Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” кој го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка. Во доизградбата на фекалната канализација во Мешеишта ќе бидат вложени 7.554.950,00 денари со пресметан ДДВ.