Градоначалникот на Општина Струмица и лидер на СДСМ Зоран Заев на денешната седница на Советот на Општината најавил дека се повлекува од функцијата градоначалник поради заминување на друга функција.
Заев не кажал на која функција заминува, а на седницата на Советот, на која денеска се расправало за буџетот на Општината, тој соопштил дека за заменик-градоначалник ќе го именува советникот во Советот, Костадин Костадинов.
„Ова е моја последна седница на Советот на Општина Струмица …Во следните денови настапува престанок на функцијата градоначалник поради мое заминување на друга функција и согласно законот сакам да ги информирам советниците, медиумите и граѓаните дека во наредните денови ќе именувам заменик-градоначалник. За заменик го номинирам советникот Костадин Костадинов кој ќе ја извршува работата согласно законот до поставувањето на вршител на должност градоначалник на Општина Струмица до изборите“, изјавил Заев, пренесува „24 Вести“.
Оставка од функцијата советник во Советот на Општина Струмица си поднела Катерина Кузмановска, која беше и заменик- градоначалник, како и советникот Коста Јаневски, поради освоените пратенички мандати во Собранието на Република Македонија на предвремените парламентарни избори, а на нивните места се верификувани мандатите на Фатмаѓул Аџи и Бранко Божинкочев.
Зоран Заев во третата изборна единица освои пратенички мандат во Собранието како носител на кандидатската листа на Коалицијата предводена од СДСМ, а се почести се и неговите изјави дека ќе биде мандатар за составување на новата Влада.
Извор: meta.mk