Ретроспективна изложба со 90 дела на Вангел Наумовски е отворена во Даут-пашин амам. Најголем дел од делата на изложбата, што ја организира Националната галерија на Македонија, се во сопственост на семејството Наумовски од Охрид, а дел првпат се презентираат во изложбен простор.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на изложбата истакна дека Наумовски со својот исклучителен и специфичен ликовен израз остави длабоки траги во развојот на македонската современа ликовна уметност но, и во промоцијата и афирмацијата на македонската култура во светот.
Според неа животот и творечкиот пат на Вангел Наумовски, може да се доживее само на еден начин, како една фантастична приказна, од позиција на неговиот неверојатен, искрен однос кон создавањето, па сè до надреалниот развој на Наумовски како славен уметник.
„Оваа негова животна приказна започнува од најраната возраст кога пројавил интерес за уметноста, но поради егзистенцијални потреби бил принуден да се соочи со најразлични работни искуства. Токму овие знаења, опити и насоки кои ги истражувал и стекнувал сосема сам се длабоко врежани во неговиот творечки израз и тие подоцна стануваат круцијална позитивна определба во неговото творештво кое и денеска силно ја промовира „радоста на живеењето„ наспроти технолошкиот напредок и дехуманизацијата на човештвото“, истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека Наумовски е автор кој преку својот интерес кон билошкото, органското и преку својата ликовна слобода успеа симболично да создаде композиции во кои поетското чувствување на еросот и флората и надреалните светови на измислени градини и галаксии едноставно живеат.
Делата на изложбата се отстапени од приватни лица и од установи, како Собранието на Република Македонија, Народна банка на РМ, Град Скопје, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и Завод и Музеј од Охрид, како и од музеи за наивна уметност од Загреб и од Јагодина.
Ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2016 година, согласно со мисијата за репрезентативното одбележување на уметниците што се застапени во постојаната поставка и во колекцијата на македонската ликовна уметност на оваа национална установа. Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија и значителен број дела што се наоѓаат на просторите на поранешна Југославија.
Вангел Наумовски (Скребатно, Охридско, 1924 – Охрид, 2006) иако самоук сликар, се вбројува меѓу малиот број уметници кои достигнале најголема афирмација и надвор од Македонија. Бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, имал повеќе самостојни и групни изложби.