Иванов побара новата влада да го заштити унитарниот карактер на државата

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска при традиционалното новогодишно обраќање, повика да престане реториката на поделби на патриоти и на предавници и побара простување, помирување и одговорност.

Иванов рече дека никогаш нема да се согласи Македонија да биде бинационална и федерална држава. Тој ги повика политичарите да не помислат постизборно да преговараат за државните интереси, а од новата влада побара заштита на унитарниот карактер на државата.

„Некои лидери на партии лицитираат со кантонизација, федерализација, со името на државата, лицитираат со државните интереси. Никогаш нема да се согласам Македонија да биде бинационална држава, да биде федерална држава. Никој нема мандат да ја прекројува државата. Македонија е унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество“ – рече Иванов.

Иванов, исто така, повика да престанат и нападите кон странските дипломатски претставници, кои истовремено ги повика да внимаваат на своите постапки. Тој ја повика Европската Унија да престане да го блокира членството на Македонија зашто тоа се одразило на внатрешната политика на државата.

За Специјалното јавно обвинителство, Иванов рече дека е политизирано и дека дејствува селективно, со уцена на политички противници.

Претседателот Иванов оцени дека живееме во „слаба“ Македонија, раскарана по секоја основа и дека нема ништо потрагично од меѓумакедонскиот судир.

Од новата влада Иванов побара да се спроведе попис, а лидерството на СДСМ и на ВМРО-ДПМЕ го повика на национално помирување и на здружување за исполнување на македонските интереси. Иванов ги повика шесте лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на евроатланската агенда.

„Две нешта нè влечат назад: реваншизмот и поделбите. Ве повикувам да ги оставиме зад нас. Ова е тешка одлука затоа што треба да си простиме за тешки зборови, клевети и дела, а тоа бара понизност што е одлика на одговорни луѓе. Без тоа не можеме да се надеваме на просперитет и на успех. Да престанеме со реториката на патриоти и на предавници. Со секој збор и навреда, на нашите потомци им оставаме само кавги и поделби “– рече Иванов.

Извор: meta.mk