Секторот за внатрешни работи Скопје, Единицата за имотни деликти – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција Гази Баба поднесе кривична пријава против лицата А.А.(37) и Б.П. (28), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени осум(8) кривични дела „тешки кражби“, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 241.616 денари. За сторените кривични дела од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка одземење на патните исправи и задолжително јавување на надлежен орган. Пријавените ги извршиле кривичните дела во периодот од 06.06.2016 година до 21.11.2016 година на подрачјето на Скопје. Истите биле вработени во фирма која како концесионер изведувала работи на одржување на предаватели и базни станици на телекомуникациски оператор. Го искористувале оргиналниот клуч, кој што го должел првопријавениот А.А. и отворале повеќе метални ормари на базни станици на повеќе локации на подрачјето на град Скопје, при што извршиле демонтирање на акумулатор-батерии, кои ги одзеле, а подоцна истите ги продале.
На 09.12.2016 година, по претходно добиена наредба од судија на претходна постапка, полициски службеници од Одделението за имотни деликти Гази Баба извршиле претрес на деловен простор-магацин, сместен во поранешната фабрика Газела, при што пронашле 196 акумулатор-батерии разни марки и истите со потврда биле одземени. Истиот ден во ПС ОН Гази Баба бил извршен разговор со сопственикот на магацинот, при што истиот појаснил дека пријавените лица, по претходен телефонски договор за откуп на предметните батерии, во повеќе наврати му носеле на продажба од истите батерии при што тој им ги откупувал во готово по цена од 900 денари по парче. Во ПС ОН Гази Баба биле повикани и службени лица од оштетените компании, кои во магацинот извршиле препознавање на акумулаторските батерии и кои потврдиле дека потекнуваат од базните станици лоцирани на територија на Република Македонија. Со потврда, акумулаторските батерии им биле вратени.
На 22.12.2016 година извршен бил и претрес во домовите на пријавените лица, меѓутоа не се пронајдени акумулаторски батерии од погоре наведените кривични дела.
Инаку, А.А. и Б.П. се регистрирани сторители на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Велес и СВР Скопје им се поднесувани повеќе кривични пријави.