Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети новоотворениот специјалистички кабинет за дерматовенерологија во Поликлинката Ченто што почна да функционира кон крајот на минатата година со преземање на лекар од приватна во јавна здравствена установа.
„За оваа специјалност минатата година од Поликлиниката Ченто се креирани 2.900 упати или кон Здравствен дом Скопје во делот на Поликлиниката Бит пазар или кон другите поликлиники или пак кон Клиничкиот центар. Со отворањето на овој кабинет ќе се намали упатувањето од Ченто кон другите поликлиники или пак во Клиничкиот центар Скопје и оваа услуга сериозно ќе се доближи до граѓаните на Ченто, Гази Баба и околните општини кои гравитираат кон оваа Поликлиника“, изјави Тодоров по посетата на новиот кабинет.
Тој нагласи дека станува збор за отворање на петти по ред специјалистички кабинет во Поликлиниката Ченто што се отвора како резултат на преземањето на доктор специјалист од приватно во јавно здравство.
„Овој проект се покажа како многу успешен и со него овозможивме преземање на доктори специјалисти кои работеле во јавното здравство па отишле во приватното здравство и сега повторно се враќаат во јавно здравство или пак воопшто не работеле во јавното здравство,а од приватното здравство доаѓаат да работат во јавното здравство. Ова покажува дека јавното здравство е се попривлечно за работа на докторите специјалисти и на еден начин е потврда за развојот на целиот јавен здравствен систем во државата“, рече Тодоров.
Прецизира дека само во Здравствен дом Скопје се преземени 34 специјалисти од приватни здравствени установи со што се отворени на нови 25 специјалистички кабинети но и отворање на втора смена во некои кабинети кои веќе функционирале само во прва смена.
„Со тоа, со набавка на нова опрема и со континуирана медицинска едукација најголем дел од пациентите услугите ги добиваат во Здравствен дом Скопје и нема потреба потоа да одат на повисоко ниво на здравствена заштита“, рече Тодоров и додаде дека 75 доктори, медицински сестри, ренген техничари и останати здравствени работници и соработници се испратени на обука во странство во реномирани здравствени установи и центри.
Покрај тоа, како што истакна, и 31 доктор од Здравствен дом Скопје се упатени на специјализација што според него укажува дека во наредниот период се повеќе ќе се зголемува бројот на специјалистички кабинети.
Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Бајевска Вучковиќ посочи дека новиот кабинет за дерматовенерологија во Ченто ќе работи и со криотерапија односно терапија со течен азот.
„Од март 2016 година кабинетот за интерна медицина беше зајакнат со ехо дијагностика кој во мој термин е креиран за ехо дијагностика на абдомен и на тироидеа, а петтиот кабинет започна со работа во декември со преземање на колешка од приватна здравствена установа. Кабинетот ќе работи до 13 часот, бидејќи колешката е вратена од породилно отсуство и го почитуваме делот во законската рамка за доење на доенче поради што два часа порано е ослободена од работа“, рече Бајевска Вучковиќ.
Нагласи дека трендот за доближување на здравствените услуги кон местото на живеење особено во делот на специјалистичките служби продолжува и посочи дека во 2016 година вкупно 22.736 здравствени услуги се дадени на ниво на специјалистичките кабинети во Поликлиника Ченто.
„Со новиот кабинет за дерматовенерологија ќе го подобриме квалитетот на живеењето на граѓаните со доближувањето на оваа услуга во која има и акутни и ургентни состојби во делот на алергиите и ултикариите посебно кај децата“, рече Бајевска Вучковиќ.