Завршија годишните истражувања на локалитетот Градиште-Таор

Со поддршка од Министерството за култура во изминатиот период стручните екипи од Музејот на Град Скопје ги завршија археолошките истражувања на локалитетот Градиште, с. Таор, Скопско.

Во текот на досегашните истражувања на локалитетот беше извршено прецизно дефинирање на хронолошката слика на Градиште -Таор, и тоа: раното бронзено време од околу 2200-1600 год. пред н. е. античкиот хоризонт, римскиот империјален период кој егзистирал во периодот од II до III век, доцноантичкиот културен хоризонт, кој егзистирал од IV до крајот на VI век, како и раносредновековниот културен хоризонт кој припаѓа на периодот од IX до XII век.

Доцносредновековната некропола пак лежи врз остатоци од градбите. Со истражувњата се откриени пет гробови датирани во периодот од XVI до XVII век.

gradiste_640_-3

Во текот на досегашните истражувања е откриен обемен движен археолошки материјал. Покрај многубројните фрагменти од керамички садови, откриени се фрагменти од стаклени садови, прозорско стакло, накит (обетки, фибули, прстени), предмети од коска, оружје, делови од воена опрема, орудија, предмети од градежни конструкции, делови од брави и клучеви и околу 530 бронзени монети.

Селото Таор лежи на околу 20 км југоисточно од центарот на Скопје, на левиот брег на реката Вардар, на местото каде што реката навлегува во Таорската Клисура. Во римско време во северното подножје на населбата поминувал магистралниот повардарски пат Виа Аксија (Via Axia), кој од Скупи преку Стоби одел за Тесалоника. Локалитетот за првпат е евидентиран од англискиот истражувач, археолог и патописец Артур Еванс, од кога датираат и првичните информации за неговата местоположба како родно место на императорот Јустинијан Први.

gradiste_640_-4