Министерството за култура, во изминатиот период се реализираше проектот за целосна обнова и конзервација на црквата „Св. Пророк Илија“ од 19 век, која е своевиден симбол на градот Дојран. За целосната обнова на црквата „Св. Илија“ во Дојран преку Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица, во неколку буџетски години, Министерството за култура издвои средства во висина од околу 4 милиони денари.
Проектот за заштита на овој значаен споменик на културата се реализираше во шест фази, и тоа најпрвин беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што беше целосно оформен подот на црквата. На овие конзерваторско- реставраторски активности претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури.
Третата фаза подразбираше конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, а се одвиваа реставраторско-санациски работи на внатрешните ѕидови на објектот, оформување на отворите за прозорци и врати, како и финални работи на подот и на скалишниот простор од нартексот. Во 2015 година беше извршено малтерисување на внатрешноста на црквата, а кон крајот на минатата година беа реализирани и завршните фази од овој проект.
Црквата е изградена во 1848 година година со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од велешкото село Папрадиште, а била разурната и ставена надвор од употреба во текот на Првата светска војна. Црквата „Св. Илија“, со својата должина од 30 метри, широчина од 20 метри и висина од 10 метри, претставува значаен и вреден архитектонски пример, кој има извонредна акустичност во својата внатрешност. Со целосната обнова на овој значаен споменик на културата, вратен е некогашниот сјај на црквата, а со тоа и можноста жителите на Дојран и сите посетители да го посетуваат овој духовен храм.