Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на г. Роман Херцог, поранешен претседател на Сојузна Република Германија, упати писмо со сочувство до г. Јоаким Гаук, Претседател на Сојузна Република Германија.
„Почитуван господине Претседателe,
Со длабоко жалење ја примивме веста за смртта на поранешниот претседател на Сојузна Република Германија, почитуваниот Роман Херцог.
Дозволете ми, во мое лично име, како и во името на граѓаните на Република Македонија, да ги упатам изразите на нашето длабоко сочувство и искрено жалење. Во исто време, Ве молам да ги пренесете изразите на нашето најдлабоко сочувство до семејството на претседателот Херцог.
Името на претседателот Херцог ќе остане длабоко врежано во сеќавањето на германскиот народ. Тој беше исклучителен политичар и моќен застапник на спроведувањето на социјални и политички реформи што одиграа клучна улога за брзиот подем на Германија, во економска, социјална и политичка смисла.
И граѓаните на Република Македонија ќе го паметат како голем пријател и поддржувач на нашата земја, во време кога се соочувавме со сериозни предизвици и со големи искушенија. Како член на Арбитражната комисија за поранешна Југославија, д-р Роман Херцог принципиелно застана на страната на правдата наспроти стравовите и предрасудите и оцени дека Република Македонија ги исполнува сите услови за да биде признаена како независна и суверена држава. Иако неговиот и ставот на Бадентеровата комисија не беше испочитуван од страна на Европската заедница, сепак, со овој позитивен извештај и препорака, Република Македонија извојува морална победа над оние кои се сомневаа во исправноста на нашата кауза и нашите државотворни капацитети. Роман Херцог беше доследен поддржувач на Република Македонија и во својство на претседател на Сојузна Република Германија. Македонија никогаш не ги заборава своите пријатели.
Неговата изјава, дека „политичките одлуки се носат врз основа на реални околности и прашања, а не поради некои формални причини, затоа за мене воопшто не беше прашање – Македонија да се признае целосно како самостојна држава”, ќе остане длабоко врежана во македонската историја. За сите негови заслуги ја имав честа да го одликувам со највисокото македонско одликување, Орденот „8 Септември”. Ние му остануваме благодарни и за посветеноста за зачувување и за зајакнување на пријателството и соработката меѓу нашите две земји и народи.
Нека почива во мир.“