Светски реномираната компанија со седиште во Турција, Лимак Холдинг ја доби организацијата на годинешниот Кошаркарски Куп на Македонија 2017. За организација на финалниот турнир од Купот на Македонија во машка и женска конкуренција на денешната лицитација во просториите на МКФ, Лимак Холдинг како единствен учесник ги откупи правата за организација на натпреварите во националниот Куп, кој годинава ќе го носи името Лимак Куп на Македонија 2017.
На лицитацијата во куќата на кошарката претседателот на МКФ Петар Наумоски официјално на генералниот директор Лимак Скопје, Мурат Јурдал му се заблагодари за тоа што оваа светски реномирана компанија прифатила да биде организатор на Кошаркарскиот Куп на Македонија. На лицитацијата присуствуваше и комесарот за натпреварување во МКФ Владо Цветковски.
На Лимак Купот на Македонија 2017 кој ќе се одржи од 17 до 19 февруари 2017 година ќе настапат осум екипи во машка конкуренција и четирите најдобро пласирани по првиот дела на првенството во Првата женска лига.
Инаку, Лимак Холдинг е светски реномирана компанија со седиште во Турција основана во 1976 година, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.
Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати, според Engineering News-Record (ENR).
Компанијата гради капитални објекти во повеќе од 13 земји во светот, а успева да го трасира патот на успехот спојувајќи технички вештини и долгогодишно искуство, квалитет и брзина, напредна технологија и креативност, општествена одговорност и деловна етика.
Реномираната и светски позната градежна компанија Лимак за кратко време ќе започне со изградба на огромен комплекс вклучително и тунел на просторот околу Старата железничка станица во Скопје.
Лимак планира да инвестира околу 200 милиони евра во современ, атрактивен, мултифункционален деловно резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот-Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје.
Организаторот на Финалниот турнир за Купот на Македонија кој ќе се одржи од 17 до 19 февруари 2017 година, ги добива правата и обврските што му припаѓаат според Правилникот за Куп натпреварувања и Прирачникот за организација на Финалниот турнир.