Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими на информираше за продолжување на проектите “Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” и “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија” и во 2017 година.
Имено, од денеска до 20-ти февруари 2017 година, сите корисници на пензија ќе можат да поднесат барање за користење на една од услугите од двата проекти во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Право на користење на услугите од овие проекти имаат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија, кои живеат во Република Македонија.
Министерот Ибрахими рече дека проектот “Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” беше прв којшто зочна да се имплементира во 2010 година, и од тогаш заклучно со ноември 2016 година вкупно 37.193 корисници на пензија ја искористија оваа услуга и ги повика пензионерите и оваа година да го искористат правото на оваа услуга.
„Образецот на барањето го има во филијалите на Фондот на ПИОМ и на веб страницата на Фондот на ПИОМ. Доколку корисникот на пензија користи и пензија од друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување, задолжително доставува потврда од банка за износот на странската пензија. Доколку корисникот на пензија користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило или додаток за глувост нема потреба да доставува потврди за користење на овие права бидејќи ќе се врши проверка преку електронска размена на податоци меѓу институциите”, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.
Инаку, повикот за користење на услугите ќе биде објавен на веб страниците на Министерството и на Фондот на ПИОМ, а ќе се емитува и на Македонската радио телевизија. Услугата, пак може да се користи еднаш во период од март до ноември 2017 година, во траење од седум дена. Тој уште потсети дека:
„Услугата на “Бањско климатска рекреација” опфаќа шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата. Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација. Корисниците на пензија коишто ја искористиле услугата во претходните три години немаат право да ја користат оваа услуга во 2017 година”.
Министерот Ибрахими информираше и за услугата „Бесплатен туристички викенд”, која досега за две години ја искористиле 4.740 корисници на пензија и која, како што рече, опфаќа два полни пансиони и организиран автобуски превоз од местото на живеење на корисникот до хотелот. Корисниците на пензија коишто ја искористиле оваа услуга во претходната 2016 година немаат право да ја користат услугата во 2017 година.
„Рангирањето на корисниците на пензија коишто ќе ги користат услугите се врши според бодови и тоа: до 50 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење и 10 бодови за лице што користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило, додаток за глувост како и лица коишто имаат инвалидност над 80 проценти”, рече министерот за труд и социјлана политика Ибрахим Ибрахими.
Министерството за труд и социјална политика за овие два проекти во Буџетот за 2017 година обезбеди финансиски средства во висина 46 милиони денари.