Како претседател на Здружение на рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“ од Охрид должен сум да реагирам на Одлуката на организаторите на манифестацијата „Ден на рибарите“ со која одлучиле да на овој ден на брегот на Охридско Езеро прават рибна чорба од морска риба. Се прашувам, а и ги прашувам организаторите дали некаде во светот на места кои изобилуваат со рибен фонд и имаат вековна традиција наместо со автохтона риба, а со цел да „заштедат“ од некој си буџет купуваат замрзнат ослич и лосос кој патем можеби е и 20 години замрзнат за да прават чорба во својот сопствен ум и разум?! Можеби ајде да речеме охридската пастрмка ја нема за што ќе се навратам подолу во текстот, но ја има охридската плашица и други видови риби, го имаме средното угостителско училиште које е под општинска капа и продуцира кувари, па така приготвувањето на рибна чорба треба да биде засебна туристичка атракција, почитување на старите охридски рибарски традиции и обичаји, а не да се сведува на класичен популизам, во стилот – ете ние направивме.
Воедно за да не биде – ете ние направивме- а во иднина некој да се удира во градите колку имал заслуга, ќе треба да се навратам во далечната 1993 година зошто историјата е учителка на животот, а пишаниот збор остава трага, кога ние во тоа време за првпат ја возобновивме односно ја збогативме старата охридска традиција кога рибарите на овој ден на местото викано Сараиштево раните утрински часови го фрлале влакот и голем дел од уловот го давале на народот со топла ракија и вино за здравје и подобар улов, така било во тоа време (во некоевреме ова манифестација служела и за тајно осветување на водите). А за жал во денешно време наместо чорбата да се прави со автохтона риба „генијалци“ ја прават со замрзнат лосос и ослич. Со ова Одлука не навредивте сите рибари, а мислам и сите граѓани на Охрид. Неможам да разберам и за Денот на рибарите да не бидат поканети да учествува било кое од двете риболовни здруженија во Охрид. Како здружение пред 9 години започнавме да ја збогатуваме манифестацијата и со натпревар во рибна чорба, натпревар во правење на сардини потоа поставување на изложбена поставка на риболовен алат со кој се ловело на Охридско Езеро, а кој не се употребува сега, стари Фотографии од рибари и рибарски фамилии, потоа презентација на поставување и вадење на риболовен алат како пештански влак, клуч и сачма кои веќе не се во употреба, натпревар во фрлање на сачма, прикажување на документарни филмови како се ловело некогаш и како сега. Бевме и иницијатори за правење на рибна чорба за Гинис и тоа во време кога немаше концесионер на Охридско Езеро.
Денес и изминатите неколку години рекреативните риболовци, а и други граѓани кои се присутни на Денот на рибарите се изненадени од рибна чорба направена од замрзнат лосос и ослич, а овие години имаме концесионер за стопански риболов кој немилосрдно го уништува рибниот фонд. Изненадени сме и од новата односно никакава понуда на оваа манифестација. Денес околу два часа на Сараиште можеше да се види само турканици за морска рибна чорба, сендвичи и неколку тави испржена плашица, немаше никакви обележја дека е ден на рибарите. Наместо на овој ден кој го прекрстивме од ден на масовно капење на рибарите за бериќет во ден на рибарите да му се додадат нови содржини и да прерасне во вистински фестивал на риба, кој Охрид го заслужува, денес оваа манифестација наликуваше само на социјална парада. Овој ден веќе и губи смисла затоа што со децении на овој ден започнувал лов на пастрмка за вештачки мрест, а последните години ловот за вештачки мрест почнува една па и две недели порано.
Незнам со ова Одлука дали сакавте да го заштитите концесионерот за стопански риболов односно да не му одземете дел од колачот или пак сакавте да го заштитите рибниот фонд.
Ако сакате да го заштитите рибниот фонд тогаш како Локална самоуправа на Охрид како што имате право да промовирате проекти кои еколошки не се оправдани, како изградба на туристичка развојна зона со која ќе го уништите Студенчишкото блато или пак изградба на марина кај каналот Студенчишта со што ќе се уништи зимовник кој опстојувал со милиони години, имате и обврска да поднесете иницијативи за заштитите рибниот фонд. Како:
Да побарате да се одземе концесијта за стопански риболов, а да се дозволи само рекреативниот риболов односно да се развиериболовниот туризам како алтернативен вид на туризмот, затоа што само во Македонија има регистрирани над 21 илјада риболовци, а во Европа има само околу 200 милиони риболовци.
Должни сте на граѓаните на Охрид кои ве избраа да го заштите рибниот фонд, а особено охридската пастрмка и белвица кои се пред истребување.
Дожни сте да го спречите истребувањето на охридска пастрмка така што ќе побарате да се забрани стопански риболов затоа што охридска пастрмка се помалку ја има, а на концесионерот квотата на улов секоја година му се зголемува од 500 килограми кога ја доби концесијата на 10 тони во овие години.
Да го забраните вештачкиот мрест затоа што од 1991 година Охридското Езеро се порибува со околу 2 милиони пастрмчиња годишно односно до сега езерото е порибено со над 50 милиони пастрмчиња, а пастрмката е пред исчезнување. Тоа значи дека вештачкиот мрест не се врши правилно односно пастрмката не се лови за вештачки мрест со соодветен риболовен алат затоа 70 посто од матиците кои сега се врќаат во вода умираат, а подмладокот со кој се порибува езерото не се фрла во право време, на право место и во потребна големина.
Државата за вештачки мрест и порибување на Охридско Езеро со охридска пастрмка секоја година инвестира над 10.000.000,00 денари односно околу 260.000.000,00 денари од 1991 кога е направен преловот на охридска пастрмка,и покрај големите вложени стедства за заштита на рибниот фонд пастрмката полека но сигурно исчезнува.
Од овие пари за вештачки мрест единствено полза има концесионерот за стопански риболов кој зема околу 100.000 евра, а има обврска да плати концесија од околу 33.000 евра. Мислам дека само во Македонија концесионер за стопански риболов нема обврска да порибува, туку може само да лови, а државата да му порибува.
Треба да побарате овие 10 милинони, а во некои години беа и 17 милиони да се пренаменат во физичка заштита на пастрмката. Овие средства се доволни за добро физички да се заштити охридската пастрмка и да се остави сама да се измрести. А за да се обезбедат 2 милиони икри кои сега се собираат потребено е само сопствено матично јато и еден мал рибник.
Треба да побарате забрана за стопански риболов затоа што и охридската белвица е загрозена и на неа и прети опасност од исчезнување, затоа што:
На концесионерот му е дозволено да лови белвица во ноември односно во месец кога е најголемиот мрест на белвицата, потоа му е дозволено да лови белвица 6 пати во најстрогата забрана што не се памти во историјата на риболовот на Охриско Езеро. За негови потреби се сменија риболовните основи и се намали дозволената големина за лов на белвица од 35 на 22 сантиметри, се зголеми бројот на дозволени мрежи, најтрагично е што му се дозволува годишно да улови 25 тона белвица, а прирастот на белвицата во Охридско Езеро е 17 тони годишно.
Не сакам да набројувам за рибоцитот и на другите видови риби во Охридско Езеро.
Се надевам дека новата локална самоуправа и новите или староновите избрани пратеници од Охрид и Струга ќе се заложат за да го спасат рибниот фонд од Охридско Езеро ако веќе не е доцна.
Радован Димитриевски
Претседател на ЗРРСК „ Свети Апостол Петар“ – Охрид
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.