Достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија е континуирана заложба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и во 2016 година на нашите осигуреници им овозможи поголема достапност на лекови, олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот, велат од ФЗОМ. Во 2016 година, бројката на лекови на товар на Фондот достигна 1210 лекови по заштитено име од различни производители, односно 427 генерики со фармацевтска дозажна форма и јачина од кои 75% се лекови за кои осигурениците не треба да плаќаат дополнителни средства, освен партиципација согласно законските прописи.
Овие лекови осигурениците ги подигнуваат со рецепт од матичен лекар, додека за некои од нив потребна е препорака од специјалист/субспецијалист. Осигурениците лековите во 2016 година можеа да ги подигнат во 776 аптеки на територија на цела Република Македонија, од кои 695 се аптеки, 72 аптекарски станици, 6 подвижни аптеки и 3 рурални аптеки. За таа намена, беше зголемен и буџетот за лекови кој во 2016 година беше 2, 55 милијарди денари, за разлика од 2015 година кога истиот изнесуваше 2,46 милијарди денари, а за 2017 година истиот е дополнително зголемен за 200 милиони денари.
Зголемувањето на бројот на аптеки со кои Фондот има договор и буџетот за лекови, позитивните ефекти од мерките на Фондот и Владата на Република Македонија кои се имплементирани изминативе години со цел за обезбедување на доволни количини на лекови за потребите на осигурениците, се потврдуваат и со последните добиени податоци за зголемена потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот во аптеките и во 2016 година.
„Ако споредиме со 2009 година кога беше воведен референтниот систем за лекови заради обезбедување лекови по избор а осигурениците и кога само 20% од овие лекови беа без доплата, во 2016 година имаме скоро четири пати поголем број на лекови на рецепт кои се по избор на осигурениците и се без доплата, или околу 75% од вкупниот број на лекови, што покажува дека Фондот успеал да овозможи и заштеда на личните средства на осигурениците.
На доброто снабдување на осигурениците на Фондот со лекови на рецепт од примарната позитивна листа влијаат повеќе фактори како што се подобрата распространетост на аптеките и во руралните средини, распределбата на финансиските лимити т.н. квотите за аптеките, овозможувањето на издавање т.н. скапи лекови надвор од квотите, воведувањето на компаративната методологија за утврдување на референтните цени на лековите од позитивната листа со што многу цени на лекови беа намалени, пропишувачките навики на лекарите, но и структурата и потребите на населението.“- велат од Фондот.
Потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот преку аптеките бележи континуиран пораст во изминатите години. За споредба, ако во 2002 година за лекови се одвојувале 1,2 милијарди денари за 8 милиони рецепти, во 2008 година се одвојувале 1,3 милијарда денари за 10 милиони рецепти, од 01.09.2016 година ФЗОМ го зголеми буџетот за лекови на 2,55 милијарди што е двојно повеќе средства за лекови на рецепт на товар на Фондот. Број на реализирани рецепти во 2016 година бил 22.274.288.
Зголемената потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот го следи и светскиот тренд за зголемена консумација/потрошувачка на лекови, што во периодот од 2008 година досега се гледа преку зголемените количини на обезбедени лекови за осигурениците и приближно двојно зголемените одвоени вкупни износи за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ. Во периодот од 2008 – 2016 година повеќе од двојно е зголемен бројот на количините/рецептите за лекови и двојно е зголемен износот за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ.
Разликата на сегашната ситуација со таа од пред 10 години е огромна затоа што сега повеќе нема редици во аптеките, нема дефицит на лекови и осигурениците не ги плаќаат приватно лековите по повеќепати повисоки цени.
Трендот на пораст на потрошувачката на лекови продолжува и во 2016 година. Бројот на реализирани рецепти во овој период изнесува 22.274.288 што е повеќе за 5,4% во однос на 2015 година, додека вкупниот фактуриран износ за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ е зголемен за околу 8,2% и истиот во 2016 година изнесува 2.626.120.318 денари.
Лекови на рецепт во 2016 година подигнале 1,23 милиони осигуреници или 66,4% од вкупниот број на осигуреници.
• Од вкупно 14 групи на лекови најпотрошувани лекови се од групата на лекови за кардиоваскуларен систем, со 9,667 милиони рецепти. Потрошувачката на оваа група на лекови во 2016 бележи 4,8% пораст во однос на 2015 година, а финансиските средства се 6,7% поголеми во споредба со 2015, односно во 2016 потрошени се 717,98 милиони денари. Од оваа група на лекови, АТЦ група C, лекови на рецепт во аптеките во 2016 година подигнале 464.887 осигуреници на Фондот.
• Лековите за респираторен систем се втори по потрошувачка според вкупните износи, со потрошени 400,96 милиони денари за 1,08 милиони рецепти што е за 4,9% повеќе рецепти од 2015 година, а што е зголемување од 11,7% поголем износ во споредба со 2015 година. Од оваа група на лекови, АТЦ група R, лекови на рецепт во аптеките во 2016 година подигнале 278.068 осигуреници на Фондот.
• Лековите за нервниот систем се трета најпотрошувана група на лекови во 2016 година според вкупниот износ со 3,37 милиони рецепти што е 3,72% повеќе од 2015 година, а финасиски средства се 8,9% поголеми во споредба со 2015 година, односно изнесуваат 397,6 милиони денари во 2016 година. Од оваа група на лекови, АТЦ група N, лекови на рецепт во аптеките во 2015 година подигнале 413.548 осигуреници на Фондот.
Потрошувачка на лекови по региони во 2016 година покажува дека потрошувачка е зголемена во сите региони. Потрошувачката е најголема во скопскиот регион, а најмала во североисточниот регион.
Потрошувачката по број на реализирани рецепти е најголема во скопскиот регион, со вкупно реализирани 6.920.473 рецепти (околу 31,06%). Потрошувачката на лекови на рецепт по вкупни износи повторно е најголема во Подрачна служба Скопје со вкупно 861.107.753 денари (околу 32,8%). Потоа следи пелагонискиот регион со 2,944 милиони рецепти за кои се испалтени 331,5 милиони денари и на трето место е југозападниот регион со реализирани 2,475 милиони рецепти за кои се исплатени 279,9 милиони денари.
За првите десет најпотрошувани лекови по генерика по износи, Фондот во 2016 година издвоил 904,2 милиони денари или 34,4% од вкупните средства за лекови, додека за десетте најпотрошувани лекови по рецепти се реализирани 9,32 милиони рецепти или приближно 42 % од вкупниот број на реализирани рецепти.
Првите три најпотрошувани лекови по износи се генериките:
-Atorvastatin – лек за намалување на маснотии во крв кој го подигнале на рецепт на товар на ФЗОМ 109.309 осигуреници што претставува 5,9% од вкупниот просечен број на осигуреници,
-Tamsulosin – лек за простата, бил подигнат на рецепт од аптека од страна на 42.558 осигуреници или 2,3% од вкупниот просечен број на осигуреници
-Salmeterol + fluticasone – лек за респираторен систем, против астма и ХОББ, за 9.513 осигуреници или 0,5% од осигурениците
Според бројот на реализирани рецепти првите три најпотрошувани генерики се:
-Enalapril – лек за покачен крвен притисок, кој бил подигнат од 176.321 осигуреник или 9,5% од осигурениците на ФЗОМ
-Metformin – лек за дијабет , за 91.471 осигуреник или 4,9% осигуреници и
-Diazepam – лек за нервен систем, за 216.024 осигуреници што претставува 11,7% од вкупниот просечн број на осигуреници на Фондот.
За Фондот осигурениците се секогаш на прво местo и се креираат со цел задоволни осигуреници и квалитетни здравствени услуги.