Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими на конференција за медиумите упати повик до корисниците на правата од социјална и детска заштита да го запазат рокот за годишната обнова на документацијата.
Имено, според член 50, став 3 од Законот за социјалната заштита, носителот на правото на социјална парична помош е должен еднаш годишно да поднесе документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството. Во насока на исполнување на оваа законска обврска, Министерството за труд и социјална политика преку надлежните центри за социјална работа, годишната обнова за корисниците на правото на социјална парична помош ја спроведува и оваа година.
Но, од причини што во периодот кога редовно се врши обнова на документите за корисниците на правата од социјална заштита беше термин за одржување на избори, истиот започна од 19 декември 2016 и е пролонгиран до 27-ми овој месец.
„Денеска, сакам повторно да упатам апел и да ги потсетам сите корисници на права од социјална заштита дека годишната обнова завршува за неколку дена, поточно во петок на 27-ми. Токму затоа, ги повикувам корисниците доколку до овој момент не го направиле тоа, истото да го направат во наредниве четири дена и да се упатат во Центрите за социјална работа каде што се спроведува законската годишна обнова за корисниците на правото на социјална парична помош”, упати апел министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.
При тоа, тој потсети дека потребната документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството за корисниците на правото на социјална парична помош за законската годишна обнова, се прибавува по службена должност по електронски и писмен пат согласно со “Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош” и потпишаните Меморандуми за соработка со надлежните институции: Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, Управата за јавни приходи на Република Македонија, Агенцијата за финансиска поддршака на земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за катастар на недвижен имот на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги и Народната банка на Република Македонија.
„Стручните работници од корисниците потребно е да побараат единствено само на увид важечка лична карта за себе и останатите полнолетни членови во домаќинството и писмената согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на социјална парична помош се дава на образец – Изјава, кој е пропишан и е составен дел на правилникот.
Во оваа прилика сакам да известам дека досега вкупниот број на обновени барања во текот на обновата за периодот од 19.12.2016 до 23.01.2017 година, како и број на новоподнесени барарања е околу 22 000. Оваа бројка не е конечна бидејќи податоците се нецелосни од причини што обновата се уште трае и податоците ги собираме на дневна база”, информираше министерот Ибрахими.
Тој потсети и за тоа дека е во тек и обновата на детските права, односно: Посебен додаток за дете, Детски додаток и Родителски додаток за 3 и 4 дете.
„Обновата е започната на 1.1.2017 година и ќе трае до 31.3.2017 година. Носителите на правата лично или преку полномошник се должни да го пополнат барањето, изјавата за лични податоци, и во однос на одредено право да ги достават бараните документи кои не се обезбедуваат по службена должност”, рече Ибрахими.
Корисниците на овие права треба да ги достават следниве документи: За посебен додаток – лични карти од двајцата или еден родител на увид во оригинал; За право на детски додаток – висина на плата од работовадецот за претходната година и потврда за редовен уценик; За родителски додаток за 3 и 4 дете – Потврди за вакцина, потврда од суд за неодземено родителско право и доколку детето за кое е остварено правото, односно 3 или 4 дете е на школска возраст, односно посетува училиште потврда за редовен ученик .
На крај, министерот за труд и социјијална политика Ибрахим Ибрахими информираше и за работниот состанок со Комората на извршители на која што беше договорено нешто што е многу значајно за корисниците на социјална помош..
„Со Комората на извршители се договоривме пред да се направи блокирање на сметка, извршителите или писмено или по меил да побараат информација од месно надлежните центри за социјална работа за тоа дали лицето е корисник на одредено право од областа на социјалната или детска заштита. Центарот е должен во писмена форма или по меил повратно да го извести извршителот за статусот на лицето. Доколку лицето е корисник на право од областа на социјална или детска заштита извршителот нема да смее да ги блокира тие средства. Цениме дека ова е од исклучително значење за корисниците на овие права и од тие причини и пристапивме кон една ваква соработка бидејќи токму и тоа е улогата на Министерството, да креира политики со кои ќе им го олесни пристапот на социјално ранливите категории”, потенцираше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.