Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Украина во Република Македонија, Н.Е. г. Јуриј Гончарук.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за можностите за нивно унапредување во сите сфери од взаемен интерес, особено во економската сфера, културата, образованието и науката, здравството.
Во таа насока, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста на Република Македонија за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Украина.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните состојби во двете земји, случувањата на регионално и глобално ниво, како и за клучните предизвици со кои земјите се соочуваат во надминувањето на актуелните состојби.
Амбасадорот Гончарук се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во Република Македонија.
Претседателот Иванов изрази задоволство од соработката со амбасадорот Гончарук и му посака успех во натамошната кариера.