Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска имаше средба со претставници на неколку невладини организации од областа на човековите права.
На средбата, соопшти МВР, е разговарано како Министерството за внатрешни работи, како една од најзначајните институции во државата која има секојдневни контакти со граѓаните, може да придонесе за подобрување и унапредување на нивните права.
Соговорниците на средбата, според соопштението, потенцирале дека улогата на полицијата во развојот и почитувањето на човековите права е особено значајна во вакви турбулентни периоди.
На средбата се разговарало и за начините на кои може да се подобри функционирањето на службите во Министерството кои работат на издавање на личните документи.
„Според претставниците на граѓанските здруженија и министерот Нухиу, зголемувањето на ефикасноста и флексибилноста на овие служби, исто така, ќе даде значаен придонес во зголемувањето на довербата на граѓаните кон полицијата“, се вели во соопштението и се додава дека министерот Нухиу потенцирал дека граѓанскиот сектор и институциите на државата треба да бидат партнери и на тој начин ќе придонедат за подобрување на состојбата со човековите права.