Три капитални инвестиции за подобрување на условите во студентските домови се реализираат во 2017 година. Ова на денешната прес конференција го истакна заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој рече дека унапредувањето на студентскиот стандард, особено во делот на студентското сместување продолжува да биде еден од врвните владини приоритети и во периодот што следи.
Првата инвестиција се однесува на етапната реконструкција на најголемиот студентски дом во земјата “Гоце Делчев“ во Скопје, каде блокот Б е целосно реновиран, додека во блокот А целосно се завршени градежните активности, за што се инвестирани 180 милиони денари.
„Следната фаза предвидува реконструкција на блоковите В и Г, за што на интернет страницата на Бирото за јавни набавки веќе објавивме постапка за јавно прибирање на понуди кое ќе трае заклучно со 15 февруари, по што ќе следи нивна евалуација и избор на најповолниот понудувач. И за овие два блока, предвидено е да бидат инвестирани околу 180 милиони денари. Овој прилично голем зафат подразбира замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, молерисување на ѕидовите и нова опрема во сите соби“ рече Ристовски, додавајќи дека целата активност треба да заврши до крајот на годинава.
Втората инвестиција за која информираше Ристовски е набавката на целосно нов мебел за сите 10 државни студентски домови, која согласно очекувањата треба целосно да се реализира до крајот на месец април.
„Веќе е избрана компанија која достави најповолна понуда на тендерот, потпишавме договор за реализација на работата и истата веќе започна со подготвителни активности, односно посети по студентските домови, заради земање мерки за изработка на мебелот“, рече Ристовски. За набавката на нови кревети, душеци, маси, столици, бироа и плакари, од буџетот на министерството одвоени се 100 милиони денари.
Третата инвестиција вредна 11 милиони денари, која ќе биде реализирана во првиот квартал на 2017 година, предвидува набавка на 50 професионални машини за перење, како и 50 професионални машини за сушење, за што, исто така избрана е компанија, а во меѓувреме и домовите стартуваа со прилагодување на простории и со интервенции во делот на водоводната и електричната мрежа, заради нивна инсталација и приклучување.
На прес конференцијата, Ристовски информираше и за владината одлука за изградба на три целосно нови студентски домови во земјата. Како што рече, два од нив, еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, избраните компании ќе започнат да се градат во многу скоро време, по официјализирањето на дозволите за градба, додека за третиот студентски дом, кој ќе биде лоциран во Скопје, во моментов се подготвува проектната програма.
Инаку во изминатите неколку години, Министерството за образование и наука инвестираше околу 350 милиони денари за унапредување на условите за сместување и престој во студентски домови. Средства со кои се изградија целосно нови капацитети, дел од постојните се реконструираа и опремија, а беа инсталирани и комплетно нови лифтови.