Според податоците на АВРМ, бројот на невработени лица, за 12 години во Македонија се намалил за 160.000, а во Прилеп за 11.200. Ова денеска во Прилеп го соопшти директорот на АВРМ, Владо Попоски, кој оствари работна средба со градоначалникот Марјан Ристески.
Попоски истакна дека бројот на невработени лица во Прилеп е доста намален токму поради добрата соработка и координација која во изминативе години АВРМ ја има со Општина Прилеп, бидејќи Прилеп беше прва општина во Македонија која направи Економски совет кој помага дополнително на Агенцијата за креирање на нивните политики и мерки кои ги даваат.
„Согласно информациите кои ги има АВРМ, а тоа е бројот на отворени М1 обрасци, во 2005 година имало околу 397.000 отворени М1 обрасци на ниво на Македонија и некаде околу 390.000 невработени лица кои се евидентирале во АВРМ. Денеска бројката е поразлична, вкупно на двата регистра и на активни и на пасивни баратели на работата имаме околу 204.000 регистрирани невработени лица и над 552.000, само во АВРМ, отворени М1 обрасци, дополнително во Фондот за ПИОМ врз основа на лично осигурување, тоа е каде спаѓаат оние кои се на договор на дело и индивидуалните земјоделци има уште околу 14.000 М1 обрасци, значи вкупно некаде околу 566.000 отворени М1 обрасци или грубо земено над 160.000 нови отворени работни места од 2005 до 2016 година на ниво на Македонија. Ситуацијата за Прилеп тука е добра, ако во 2005 година имало 15.000 М1 обрасци, во овој момент само во Агенцијата има 24.000 регистрирани М1 обрасци, што е диретно разлика од 9.000 М1 обрасци или вработени лица, и дополнително над 3.000 се регистрирани во Фондот за ПИОМ, тоа е некаде 12.500 вработени прилепчани. Значи бројката на невработени во Прилеп се намали за некаде околу 11.200 лица за периодот од 2005 година до 2016 година“, изјави Владо Попоски, директор на АВРМ.
Попоски нагласи дека проектот „Македонија вработува“ ќе бил активен до 27 јуни 2017 година, со тоа што досега него го искористиле 4.218 граѓани. Само од Нова година до сега се имале вработенонад 280 лица. Проектот „Македонија вработува 1“ завршил со 18.900 вработени, а претходно бил и проектот за вработување на млади до 29 години каде што имало дополнителни 8.000 вработувања. Значи преку овие мерки над 30.000 граѓани се вработиле во Македонија за 3 години.
„Исто така продолжува интересот и за самовработувањето со грантови. Во последните години бројката се движи од 2 до 2.500 апликанти за самовработување со грант, што значи дека имаме проблем да избереме кој е квалитетен бидејќи сите се квалитетни. Во 2016 година направивме дополнителни напори и исфинансиравме дополнителни 105 вакви гранта. Од проектот за кредитирање исто така продолжуваинтересот, во просек се пријавуваат од 150 до 200 лица, односно од 20 до 30 компании во зависност од огласот за дополнителни вработувања“, додаде Попоски.
Од Центарот за вработување од Прилеп истакнаа дека заедно со локалната самоуправа и директорот на АВРМ, имале одлична соработка со странските инвеститори. Раководителот Димитриески рече дека тие служепе како едно големо одделение за човечки ресурси, им помагале за собирањето на податоците за луѓето кои сакаат да се вработат во овие фирми, ги повикувале на интервјуа, и исто така им помагале во процесот на изборот. Со најновите интервјуа „Гентерм“ ќе достигнелза краток период до над 800 вработувања. Димитриески рече дека во моментов во „Гентерм“, „Дрекселмајер“ и „Акомпласт“ имало околу 1.500 вработени. Исто така беше најавена и нова мерка која ја нуди во овој момент АВРМ.
„Најновиот оглас за напредни ИТ вештини ги повикува сите оние невработени лица кои се занимаваат со програмирање, но немаат доволно финансиски средства да ги добијат овие потребни сертификати и да ги поминат овие обуки.Тука ние им нудиме повеќе обуки, едната е за ПХП и Пајтон, потоа ДОТ НЕТ, ХТМНЛ ЦСС и Јава скрипт, и ги повикуваме сите овие заинтересирани лица за дополнителни информации да се пријават во Центарот за вработување во Прилеп. Морам да потенцирам дека овие обуки се доста скапи и чинат по неколку илјади евра, затоа ова ќе биде од голем бенефит за заинтересираните апликанти“, истакна Филип Димитриески, раководител на АВРМ – Прилеп.
Од Општина Прилеп истакнаа дека имааат одлична соработка со АВРМ, и Владата на РМ бидејќи нивна заедничка цел била зголемување на бројот на вработени и намалување на невработеноста. Соработката ја реализирале на повеќе начини.
„Прво преку информирање на јавноста за сите оние позитивни мерки кои ги спроведува АВРМ, а се имаат вработено повеќе стотици прилепчани токму преку овие мерки. Исто така се известуваат и информираат компаниите во градот за сите овие мерки, најчесто преку Економскиот совет кој функционира повеќе години, но и преку средбите со Стопанската комора и поединечните средби кои ги имаме со бизнисмените. Помагаме за зголемување на вработувањата преку овозможување на нови инвестиции, проширување на постојаните капацитети на домашните компании, но и создавање на индустриски зони за нови домашни и странски компании, како што е ТИРЗ „Прилеп“, кој е заеднички проект со Владата. Она што го зацртавме како план пред 10 години, тоа и го реализиравме, бројките се доста интересни за Прилеп бидејќи невработеноста е намалена за над 11.000 лица. Ние имаме уште неколку илјади активни баратели на работа и затоа не застануваме тука, туку целта е отворање на уште многу други нови работни места. Очекуваме доста вработувања во индустриската зона Прилеп 1, каде веќе се отворени неколку погони, а дел се градат. Таму треба да се изградат околу 12-тина погони, а тоа значи околу 1.200 нови вработувања. Да потенцирам дека за ТИРЗ „Прилеп“, која е доста атрактивна зона, се интересираат многу странски инвеститори. Имињата нема да ги споменам, но кога ќе дојде време ќе ги кажеме. Очекуваме оваа година, барем уште 1 до 2 нови инвестиции таму. И секако проширување на домашните компании. Тука се секако Витаминка, Прилепска пиварница, Мермерниот комбинат, Комфи Ангел, Васидора, Кули, Микросам и многу други фирми, кои скоро секој ден имаат отворање на нови работни места и нови инвестиции. Што значи во никој случај не треба да се потцени домашното стопанство кое овозможува доста многу нови работни места“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Новитет од новата учебна година во Прилеп ќе било тоа што стручните училишта во градот, со влегувањето на големите мултинационални компании, и со проширувањето на домашните компании, ќе се насочеле во контекст на продуцирање на кадри кои во иднина можат да најдат вработувања во овие компании. Преговорите со компаниите за овој проект веќе биле во тек. Крајната проекција била во 2017 година да се отворат нови 2.000 работни места во Прилеп.