Во преполната сала на Културниот центар „Јунус Емре“ во Истанбул, Република Турција, вчера во рамките на манифестацијата „Anatolian Theatrical Awards“ на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и беше врачена меѓународната награда „Yes to Art“ за остварувања во уметноста и културата. Заблагодарувајќи се за укажаната чест, министерката Канческа-Милевска рече дека наградата ја доживува како поттик и во иднина да продолжи да работи на унапредување на состојбите во културата во Република Македонија и нејзина промоција во меѓународни рамки, како и за продлабочување и зајакнување на културните врски со Република Турција, која е вистински пријател и поддржувач на нашата земја. Наградата, која ја доделува реномираното списание за театар „Tiyatro Gazetesi“, е второ признание за министерката Канческа-Милевска во Република Турција, која во 2011 година беше одликувана и со наградата „Златен чинар“ за особени постигнувања во културата и уметноста.
На манифестацијата признание му беше врачено и на Турскиот театар – Скопје, кој во изминатите 65 години на својата сцена презентираше извонредни театарски остварувања кои ја освоија публиката не само во Република Македонија туку и во другите културни центри низ светот.
Претходно министерката Елизабета Канческа-Милевска оствари билатерална средба со својот колега Наби Авчи на која беше оценето дека двете земји имаат традиционално одлична соработка во сите сегменти од областа на културата, која е потврдена со реализацијата на голем број проекти, како и со претставувањето на уметници од двете земји на значајни фестивали и манифестации во Македонија и во Турција. На средбата, меѓу другото, беше потенцирана и соработката во издавачката дејност, а стана збор и за стимулативната мерка од областа на издаваштвото која се применува во двете држави и која е одлична можност за претставување на книжевните автори во двете земји.
Канческа-Милевска и Авчи на средбата го изразија своето уверување дека соработка во културата меѓу Македонија и Турција во иднина ќе продолжи со уште понагласена динамика. За таа цел, двајцата министри се заложија за скоро потпишување на Програмата за соработка, чие усогласување е во тек, за обезбедување на потребните услови за отворање на културно-информативните центри во Скопје и во Истанбул, како и за интензивирање на изградбата на новиот објект на Турскиот театар. Тие оценија дека овој проект, кој е од особено значење, треба што поскоро да се заврши со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект изграден според сите светски стандарди.