Реконструкција на улици, изградба на канализациски мрежи, изградба на шеталиштето кај Вевчанска река, хотрикултурно уредување на спортско – образовниот комплекс се само дел од реализираните проекти во општина Вевчани во изминатата 2016 година, која градоначалникот Цветомир Угриновски ја оцени како успешна.
Реализиравме доста значајни проекти во делот на инфратруктурата, образованието културата, спортот, за развој на туризмот… Изминатата година беше успешна за Општина Вевчани. Сите сме задоволни и граѓаните и локалната самоуправа, рече Угриноски на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во 2016 година.
Годината, како што потсети тој, почна со традиционалниот Вевчански карневал, кој се одржува под покровителство на Министерството за култура, а имал позитивни коментари како од домашните така и од странските гости, но и од медиумите.
Изминатата година во Вевчани почна изградбата на бензиска пумпа, која градоначалникот очекува да почне со работа некаде во април годинава. Заврши изградбата на две канализациски мрежи, реконструирани се 10-тина улици, од кои дел се во автентичен стил поплочени со камени плочи, две се асфалтирани, а останатите се со бекатон плочки.
Преку Министерството за финансии, односно преку ИПА програмата на Светска банка се реализираат три многу важни проекти за општина Вевчани во износ од 260.000 евра. Се прави шеталиштето на Вевчанска река во должина од 800 метра, се уредува партнерот околу новата училишна зграда и спортската сала и се прави обиколен пат околу спортско-образовниот комплекс, истакна Угриноски, посочувајќи дека овие три проекти ќе завршат до март до кога е и рокот за реализација.
Градинката во Вевчани, додаде тој, доби термо фасада, инвестиција на Бирото за регионален развој, а поставени се и сончеви колектори, со што објектот стана енергетски ефикасен и е намалена потрошувачката на електрична енергија.
Вевчанскиот градоначалник ги спомена и проектите за изградба на обиколницата од фабриката „Вевчанка“ до Здравствениот дом – Вевчани, инвестиција од околу 300.000 евра. Со подобрување на временските услови ќе почнат градежните активности, а ќе се гради и пат кој ќе го поврзува населеното место со обработливите површини.
За оваа година Угриноски најави продолжување на реализацијата на почнатите проекти, а очекува да почне и изградбата на модерен плоштад, кој ќе се гради три нивоа.
„Очекувам наскоро да се распише тендер за изградба на повеќе наменското игралиште преку проектот на Агенцијата за млади и спорт. Имаме аплицирано за реконструкција на околу 10-тина улици, како и изградба на некои кракови на каналзиациската мрежа. Останува уште реконсктрукцијата на старата училишна зграда за која чекаме одобрување средства од Владата на Република Македонија“, рече Угриноски.
Во наредниот период, нагласи дека Општината посветено ќе работи и на низа други проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на населението во Вевчани.