Домашни и странски експерти од повеќе области, односно хидрологија, екологијата, одржлив развој, заштитата на природното и на културно наследство, наредните месеци ќе вршат целосно испитување на Охридско Езеро.
Во февруари и во март е најавено доаѓање на меѓународна делегација од УНЕСКО за надзор на состојбата и за спроведување на препораките околу проектите и нивното влијание врз Охрид и врз Охридското Езеро.
УНЕСКО ѝ даде рок на Македонија до 1 февруари годинава, односно до утре, да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките во случај на потенцијална опасност за природните и за културните добра на Охридскиот Регион.
Инаку, Охридскиот Регион би можел да се најде на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО поради плановите за изградба на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2 и на железничкиот коридор 8, a состојбата дополнително се влоши со плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.
Неколку еколошки организации како „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ кон крајот на минатата година поднесоа жалба до постојниот комитет на Бернската конвенција на Советот на Европа за да се отвори случај и да се стави мораториум на штетните проекти на Охридското Езеро и во националниот парк Галичица.
„Постои опасност Охридскиот Регион, наместо на листата на светско културно и природно наследство на УНЕСКО, во февруари да се најде на листата на загрозено наследство“, предупредија од двете невладини организации.
Охридското Езеро од почетокот на годинава се соочува со уште еден проблем, односно наглото намалување на нивото на водата, така што во февруари ќе биде подложено на уште еден вид надзор.
Поради контрола на водостојот на Охридското Езеро, во Охрид доаѓа и екипа хидролози од Управата за хидро-метеоролошки работи, кои ќе ја проверуваат автентичноста на податоците на поставениот надзорен систем.
Извор:meta.mk