Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу одржа прес – конференција на која што најави доделување на средства за реализирање на активностите кои се однесуваат на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието.
Министерот Лутфиу на прес конференцијата истакна дека овие активности можат да бидат предвидени во склоп на воннаставните активности или во склоп на редовната настава.
Со цел зајакнување и поддршка на активностите кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието, направивме измени во законот за основно образование и законот за средно образование со кои на сите училишта им овозможивме со креативни програми во таа сфера на воспитно образовниот процес, да аплицираат во министерството за oбразование и наука и да се стекнат со парични средства за реализација на истите во висина до триесет илјади денари.
Во квалитативна смисла, од програмите се очекува планираните активности да имаат за цел интеракција на етнички/јазично мешани групи учесници во балансирани групи учесници според етничката припадност, полот и возраста.
Во интеракцијата учениците од еден наставен јазик/едната етничка група контактираат со учениците од другиот наставен јазик/другата етничка група, со рамноправен третман на учесниците, постигнување конкретни -заеднички цели (опипливи/видливи продукти) со учество на сите застапени етнички заедници.
Комисијата за доделување на средства на основно образование и Комисијата за доделување на средства за средно образование направија евалуација на програмите од сите пријавени училишта од аспект на исполнувањето на квалитативните показатели и задоволување на барањето на Јавниот повик, истакна Лутфиу.
Министерството за образование и наука на 17 ноември мината година објави Јавен повик за доделување на овие парични средства за организирање на активностите за вкупно 60 програми во основно образование и вкупно 20 програми во средно образование.
Комисиите одобрија вкупно 49 програми од училиштата од основно образование и 14 програми од училиштата од средно образование. Одобрените програми ќе бидат објавени денес на Веб страната на Министерството за образование и наука.