Во Музејот на современа уметност првпат годинава ќе се организира „Солидарен павилјон за млади“, а ќе се продолжи и со тематските матинеа како начин на комуникација со публиката …
Меѓународни и домашни изложби, продолжување со реорганизација на депото на Музејот на современа уметност-Скопје, одржување предавања, работилници и форуми. Ова се дел од проектите што ќе ги реализира МСУ во 2017 година, најави на денешната прес-конференција директорот на оваа национална установа Лазе Трипков.
Тој потсети дека на 17 овој месец ја отвориле новата програма 2017 со изложбата на „Стоун дизајн“, учесникот на Венециското биенале за архитектура.
Трипков информира дека на почетокот на март ќе биде отворена ретроспективната изложба на графиката на Петар Хаџи Бошков на кустосот Зоран Петровски.
„Оваа година сакаме да влеземе во инвестиции и на соодветен начин да ја отвориме четвртата сала. Трите сали ги имаме на располагање комплетно, а за четвртата сала во април планираме дополнителни инвестиции“, рече Трипков. Додаде дека МСУ е прв музеј во поранешна Југославија кој, како што рече, имал една од најбогатите колекции и реално заслужува да се гордееме.
За 12. Меѓунардно биенале на млади уметници, тој соопшти дека оваа година првпат ќе биде работено со конкретна тема и со надворешен селектор, Јара Бубнова од Бугарија. Го најави циклусот „Заборавените“ во чии рамки годинава првпат ќе се одржи претставување на Михајло Арсовски, основач на хрватската дизајнерска сцена. Проектот е во соработка со МСУ од Загреб и ќе се реализира во април. МСУ планира да издаде и соодветна публикација за него.
Годинава предвидено е отворање едукативна работилница на првиот кат, во галеријата, како и отворање на библиотеката за пошироката јавност и за професионалците.
Кустосот Благоја Варошанец информира дека се во преговори за реализирање на изложбата на 12 македонски современи уметници во галеријата „МАНА“ во Њујорк. Дел од уметниците кои ќе бидат претставени се Жанета Вангели, Игор Јосифов, Антони Мазневски, Благоја Маневски, Јован Шумковски…
За реорганизација на депото, тој рече дека останува третата фаза или заокружување на проектот. Ќе се набави опрема, одвлажнувачи на простор, систем за вентилација и филтри против УВ зрачење.
Во Музејот на современа уметност првпат годинава ќе се организира „Солидарен павилјон за млади“, а ќе се продолжи и со тематските матинеа како начин на комуникација со публиката.