Во чест на херојскиот чин на Првата пролетерска бригада која го извела за време на Народноослободителната војна, шестчлена делегација од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ и Сојузот на акцијаши на Македонија, изминативе денови учествуваше на антифашистички марш на планината Игман во близина на Сараево.
„Го изодевме тој марш долг 20 километри, со цел да им оддадеме почит на хероите од пролетерската бригада, но и да изразиме револт за моменталната состојба во сите бивши републики. Да се соберат 20 илјади луѓе на едно место, значи револт за состојбите во сите републики на екс-Југославија, каде политиките ги носат неоформени политичари, тајкуни и криминогени структури. Ова е само почеток, а се надевам дека следната година ќе има и 30-40 илјади посетители“, – вели Зоран Стевоски, претседател на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.
Како што вели тој, на манифестацијата присуствувале околу 20 000 луѓе од поранешна Југославија и антифашисти од Русија, Италија и Австрија. Бројни делегации положиле венци и букети цвеќе во месноста Велико Поље, со почит кон некогашниот подвиг на Првата пролетерска бригада.
„За жал, на маршот не присуствуваше никој од Сојузите на борци и пензионери од Македонија“. – додаде Стевоски.
Исто така, акцијашите од Охрид го посетија и Титовиот „забранет град“ или Титовиот бункер, кој во поранешна Југославија се сметаше за една од најголемите тајни и инвестиции. Бункерот е изграден во Коњиц, во близината на реката Неретва, а се градел од 1953 до 1979 година.
Стевоски истакна дека покрај учеството на маршот, тие поделиле и разни брошури, со што направиле и промоција за Охрид и Македонија.
WebOhrid