На свеченоста што се одржа денеска во организација на Сојузот на спортови, со финансиска поддршка на Општина Охрид, Нина Балабан, која во категоријата стрелаштво минатата година учествуваше на Олимписките игри во Рио де Жанеиро беше прогласена за спортист на годината. На свеченоста се обрати и на спортистите признанијата им ги додели заменик на градоначалникот Ангел Јанев.
„Особено сум горд и почестен што присуствувам на оваа свеченост, на која се прогласува најуспешниот спортист за минататата 2016 година, и се доделуваат и другите признанијана, за постигнати особени резултати во областа на спортот. Упатувам најискрени честитки до најуспешниот спортист за 2016 годината ,нашата Нина Балабан, која во дисциплината стрелаштво, го претставуваше Охрид и Република Македонија на летните олимписки игри во Рио де Жанеиро.На нејзините успеси сите се радуваме и се надеваме на уште поголеми резултати, но очекуваме дека по нејзиниот пат кон успехот ќе тргнат и други млади талентирани спортисти. Честитки и до најперспективните спортисти, најдобрите во своите категории, најдобрите клубови во екипна конкуренција, како и на добитниците на признанијата за животно дело- Миле Христоски и постхумно Влатко Димитров. Во вакви прилики вообичаено упатувам и искрена благодарност до сите оние кои се вклучени во развојот на охридскиот спорт, со уверување дека од година во година ќе имаме поголем број спортисти и повеќе високи признанија. Помагањето на развојот на спортот за нас во Локалната самоуправа е стратегија, бидејќи вложување во оваа област го препознаваме како вложување во иднината. Минатата година за поддршка на спортот од Буџетот на општина Охрид издвоивме 16. 619. 540,оо денари. Надвор од овие средства посебно инвестираме и во спортската инфраструктура во Спортскиот центар „ Билјанини извори“ , училиштата и населбите, а најкрупен зафат што е во тек е изградбата на покриениот пливачки базен“– рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Председателот на Сојузот на спортови Коста Карадимче, истакна дека одлуката за прогласување на најдобрите спортисти за 2016 година била донесена во соработка со спортската јавност и спортските новинари, а врз основа на добиените апликации од спортските клубови и поединци.Тој изрази благодарност до Локалната самоуправа за поддршката на спортистите и за одржувањето на манифестацијата.
На свеченоста за најперспективни спортисти во својата област за 2016 година, признанија и пехари добија Давид Крстески-теквондо и фудбал, Христијан Чолески-бразилска Џиу Џица, Мартин Патчев- кајак, Викторија Алексиеска- ракомет, Јана Маркоска-стрелаштво, Мартин Иваноски- ракомет, Кристина Мојсоска- фудбал и Јована Кецкарова-тенис. Посебни признанија им беа врачени на Општинскиот фудбалски сојуз, на порталот OhridNews.com, а наградата за животно дело ја добија професорите Миле Христовски и постхумно Влатко Димитров.Признанија добија и атлетичарите Мартина Мироска и Славчо Мирчевски, а од екипните спортови признанија добија РК „Охрид 2013“, ракометарот Крсте Андоноски, КК „АВ“ и тренерот Петар Чачороски, како и фудбалерот Едмонд Хоџа.