Во рамките на Твининг проектот на ЕУ за зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост, Царинската управа на Република Македонија организира две обуки на оваа тема.
Првата обука на тема „Соработка и мрежно поврзување за ефикасна борба во врска со правата на интелектуална сопственост и слични кривични дела“ се одржа од 7 до 8 февруари 2017 година во Царинската управа во Скопје. На обуката беа разменети искуства помеѓу институциите за спроведување на законот, нивни задачи и надлежности во однос на темата, а се обезбеди и основа за оперативна соработка и заеднички пристап кон проблемот на институциите. Обуката ја отворија г. Ѓорѓи Наумовски, помошник директор на сектор за акцизи при Царинска управа и г. Питер Санс и г. Винфред Кои, експерти од Европската унија во оваа област.
Втората обука на тема „Следење на интернет“ ќе се одржи на 09.02.2017 во Царинската управа Скопје. Оваа обука има за цел да ги прошири знаењата на вработените за постапките на контрола на примена на законите во интернет трговијата.
На обуките учествуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови, Државниот пазарен инспекторат, Државниот завод за индустриска сопственост, Координативното тело за интелектуална сопственост и Царинската управа.
На ваков начин Царинската управа допринесува кон јакнење на соработката помеѓу институциите и градење на професионален и стручен кадар за справување со предизвиците во борбата против злоупотреба на правата од интелектуална сопственост.