Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Р.Турција во Р.Македонија, Еркал Кара.
На средбата претседателот Заев ја информираше амбасадорката Кара за текот на процесите за формирање нова Влада во Македонија.
„Над 612.000 граѓани од сите етнички заедници гласаа за промени и за развој на Македонија во духот на европските демократски вредности. Очекуваме дека во брзо време ќе го добиеме мандатот и дека ќе ја формираме новата Влада на граѓаните на Македонија“, рече претседателот Заев.
Нагласено е дека мнозинската поддршка од граѓаните на концептот за заедништво, е голема придобивка за иднината на Македонија.
„Еден од темелите на нашата програма, План за живот, е Македонија едно општество за сите. Ставот на СДСМ е дека само еднакви граѓани на кои ќе им биде овозможен квалитетен начин на живот можат успешно да придонесуваат кон личен развој и кон евро-атланстките перспективи на Македонија. Горди сме што застанавме зад овој концепт што го поддржаа и граѓаните на изборите, за сите отворени прашања разговараме низ уставните решенија и се надевам дека во многу скоро време Македонија ќе добие одговорна Влада на којашто ќе и бидат приоритет единствено граѓанските интереси“, рече претседателот Заев на средбата со турската амбасадорка Кара.