Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска во базата на ЕБР- касарна Ѓорче Петров присуствуваше на завршната вежба од обуката на припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и АРМ, која беше реализирана од 31 јануари до 13 февруари. На завршната вежба присуствуваа и министерот за одбрана Зоран Јолески и амбасадорот на САД Џес Бејли.
„Денеска сме овде по повод завршувањето на обуката на припадниците на специјалните единици на МВР и АРМ со инструктори од Специјалните единици на САД . Дозволете ми да се заблагодарам на амбасадата на САД и посебно на амбасадорот Бејли за несебичната поддршка за нашето министерство“, рече министерот Нухиу.
Тема на обуката беше справување со терористички закани и напади, од страна на вооружени поединци и групи во урбана средина, а целта е подигнување и зајакнување на капацитетите на Министерствата, како и совладување на нови вештини, тактики и методи при справување со глобалните закани и растечката опасност од терористички напади и загрозување на мирот и безбедноста на граѓаните и стабилноста на регионот пошироко.