На Институтот за белодробни заболувања со набавката на нова опрема се воведува нова метода за интервентна бронхоскопија со еден тип крио терапија со што се овозможува третман на пациенти со малигни заболувања, нешто што досега воопшто го немаше во Република Македонија.
Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров по посетата на Институтот. Тој рече дека со воведувањето на методата и набавката на оваа апаратура ќе им се помогне на лицата кои имаат малигно заболување на дишните патишта во понапредна фаза, ќе им се овозможи продолжување и подобрување на квалитетот на животот, нешто што досега се третирало палијативно, а болните потешко ги поднесувале последиците од болеста.
Посочи дека докторка и сестри од Институтот биле на едукација во Словенија и има тим подготвен да почне да ја изведува оваа метода.
„Она што е значајно е дека оваа метода досега не се работела и овие пациенти понекогаш биле во многу тешка состојба, имајќи предвид дека им се блокираат дишните патишта како резултат на малигните заболувања, по што настанува гушење и сериозни тегоби„, рече Тодоров.
Потенцира дека со примената на новата метода се добива проодност на дишните патишта на начин што се делува на туморот и интервентно. Според него, ова е спој на она што го работат, набавка на нова опрема и едукација на лекарите во странство со цел воведување нови методи.
„Со набавката на оваа опрема од околу 1,5 милиони денари, со инвестицијата во кадарот кој беше на едукација во странство и усвојување на таа нова метода од негова страна се овозможува нешто ново да се воведе во Македонија. Досега не е направена ваква интервенција. Апаратот е веќе ставен во функција и на првиот пациент кој ќе има ваква потреба ќе му биде извршена интервенција“, истакна Тодоров.
Директорката на Институтот за белодробни заболувања, Билјана Илиевска Попоска рече дека интервентната бронхоскопија е нова гранка во пулмологијата и се применува во голем број земји во светот.
Посочи дека интервентната бронхоскопија почнуваат да ја воведуваат и во Македонија со набавката на апаратот за крио терапија кој има можност во дијагностика и лекување болни со различни респираторни заболувања.
„Предизвикот е тераписки бидејќи пациентите, пред се со малигни заболувања, досега беа оставени на палијативна терапија. Сега се отвора можност преку интервентна постапка да се отстранат туморските маси. Методата е скапа и бара тимска работа. Се потрудивме да имаме таков тим што ќе овозможи примена на оваа методологија,„ рече Илиевска Попоска.
Нагласи дека бронхијалниот карцином е на прво место во морбидитетот и морталитетот, значи по зачестеност и број на смртни случаи меѓу машкиот и женскиот пол.
„Се смета дека околу 20 до 40 отсто од пациентите со бронхијалниот карцином развиваат опструкција на големите дишни патишта. Токму оваа опструкција кај околу 40 отсто од нив е причина за смртниот исход на болеста. Очигледно е дека доколку би се помогнало кај овие пациенти би придонеле за нивно подобро преживување и квалитет на животот“, рече Илиевска Попоска.
Додаде дека оваа метода ќе најде тераписки можности и кај пациенти со друга етиологија, како што се бенигни заболувања.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека би можеле да имаат добра соработка со Клиниката за онкологија каде се регрутираат пациентите кои бараат тераписки пристап на својата болест и очекуваат дека би можело да имаат два до три пациенти во текот на еден месец со ваква индикација за примена на оваа терапија.