2.000 македонски граѓани ги имаат искористено бенефициите од проектот 30/35, кој веќе седум години се спроведува на четири државни универзитети во Република Македонија. Станува збор за проект кој обезбедува поголема достапност на високо образовните установи за македонските граѓани, односно им дава можност на повозрасните лица, вработени или невработени мажи над 35 и жени над 30 години, коишто поради какви било причини во минатото не биле во можност да се стекнат со факултетска диплома, да го дооформат своето високо образование под одредени финансиски поволности, потенцираше заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес конференција.
„Генерално во овој седумгодишен период, интересот секогаш постоеше речиси за сите струки, но најмногу за студиските програми во рамки на техничките, природно – математичките и медицинските науки, коишто согласно реалната состојба на пазарот на трудот се дефицитарни и обезбедуваат поголема можност за вработување и економска сигурност на поединецот. Ова е една од мерките кои се исклучително благородни и кои ќе продолжат да се имплементираат и понатаму, во насока на обезбедување што поголема достапност на високото образование во земјата, за сите граѓани кои имаат желба и интерес за студирање, независно од нивните лични и семејни финансиски прилики“, рече Ристовски.
Ристовски нагласи дека залагањата во изминатите години за реализација на проектот 30/35, но и сите останати мерки за подостапно високо образование, имаат вродено исклучително позитивен ефект.
„Согласно последниот извештај на Директоратот за образование при Европската комисија со наслов „Од универзитет кон вработување“, а произлезен од направената анализа на високото образование во Република Македонија, процентот на население на возраст од 30 до 34 години со стекнато високо образование, се зголемил од 12% во 2006 година на 29% во 2015 година. Тоа е потврда на ефикасноста и ефективноста на нашата стратегија за поддршка и развој на високото образование, за што поголема отвореност на системот и поттикнување на граѓаните за вклучување во истиот, преку бројни стимулативни мерки и проекти, каков што е и проектот 30/35. “, рече Ристовски.
Студентите кои преку проектот 30/35 се запишале на некој од 4те државни универзитети кои се дел од овој проект, имаат статус на вонредни студенти и плаќаат годишен износ на кофинансирање од 200 евра во денарска противвредност. Само во оваа академска година, мерката ја имаат искористено 130 кандидати кои аплицирале на објавениот конкурс.