Екипите на „Јавна хигиена” при ЈП „Охридски Комуналец”, вчера и денес беа ангажирани на расчистување на две локации, каде што несовесните граѓани од околните куќи и станови имаа депонирано разновиден отпад и имаа направено големи депонии, и покрај апелите од претпријатието да се депонира отпадот на соодветните локации.
Едната локација која беше исчистена во текот на вчерашниот ден е на улицата „Ристо Чадо”, каде што екипите расчистуваа отпад расфрлан од околните куќи во нивите покрај патот. Другата локација е на ул. „Карпош Војвода”, кај социјалните згради, каде што самите станари од зградите имаа направено голема депонија во парцела која не е во надлежност на Комуналец и е приватна сопственост, каде што претпријатието излезе во пресрет на самите граѓани, но само со цел да се подигне еколошката култура и свест.
„Собрани се големи количини на кеси со отпад фрлени од становите, делови од електрични апарати, обувки и секаков вид на комунален отпад. Повторно апелираме до граѓаните да не го расфрлаат отпадот насекаде, туку да го депонираат на местата предвидени за тоа, каде што се подига отпадот најмалку два пати неделно, а има и улици каде што се подигнуваа отпадот и секој ден. Што се однесува за кабаст отпад, граѓаните можат да се информираат и благовремено да пријават за подигнување на истиот во претпријатието.“– информираат од ЈП „Охридски Комуналец“.