Запленети цигари, марихуана, возило со бункер, облека и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за шверц на разна стока, при што привремено се задржани цигари, возило со бункер, моторцикл, марихуана, автоделови, облека и очила.

Задржани се следните производи:

Цигари

– 86 штеки цигари Marlboro, PRESTIGE, WINSSTON, PALL MALL, MONTE KARLO и RODEO BLU со македонски акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на куферите на тројца македонски државјани кои имале намера да отпатуваат со лет за Лондон. При контролата извршена со помош на рендген уред, во куферот на едниот патник биле пронајдени 33 штеки, кај вториот патник биле пронајдени 30 штеки а кај третиот патник 23 штеки цигари. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патниците се поведени прекршочни постапки.

Моторни возила и делови за товарни возила

– 1 патничко возило, марка BMW X5, со специјално конструиран бункер, откриено од страна на мобилните царински тимови. На 25.02.2017 година, во утринските часови, на граничниот премин Табановце автопат, за излез од државата се пријавил албански автомобил, управуван од албански државјанин, кој бил селектиран за преглед, при што искористено било и царинско куче. При прегледот биле забележани свежи траги од преправки кај праговите на возилото, по што била откриена вратичка зацврстена со штрафови за шасијата. Откако била одштрафена вратичката, биле откриени специјално конструирани бункери што може да се користат за криумчарење разна стока.

Против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1 употребуван моторцикл, 1 компресор за воздух и 1 сушач за воздух за товарни возила, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, во багажниот простор на возилото бил пронајден 1 употребуван моторцикл, марка YAMAHA, во расклопена состојба.

Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, во багажниот простор на возилото биле пронајдени 1 компресор за воздух и 1 сушач за воздух, марка STRALIS, за товарни возила.

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Облека и очила

– 55 пара работни панталони, откриени при контрола на стока од испраќач од Германија наменета за увозник од Скопје, пријавена за привремен увоз заради поправка во царинската испостава Штип. Непријавените производи се привремено задржани, а против увозникот е поведена прекршочна постапка.

– 35 парчиња женска облека (панталони, маици, блузи, тренерки и наметка), откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во горниот кревет, во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 100 пара очила со диоптер и футроли, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на шведски државјанин, кој допатувал со лет од Гетеборг. Непријавените очила се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречија обид за криумчарење на 3 грама марихуана. На 24.02.2017 година, во претпладневните часови, за излез од државата се пријавило празно унгарско товарно комбе, управувано од унгарски државјанин, со кое патувале ушта двајца сопатници. При извршената контрола, во ранец со лични работи на возачот, сместен зад возачкото седиште, била пронајдена футрола за очила во која биле откриени 3 лулиња и 3 мали кесички со непозната растителна материја со маса од околу 3 грама, за која возачот изјавил дека е марихуана и дека ја набавил во Унгарија за своја лична употреба. Дрогата и лицето се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.