Неколку илјади охриѓани учествуваа на денешниот протест на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кој започна од Минимаркет. Учесниците на протестот ја изразија својата решеност да истраат во напорите за зачувување на унитарноста на државата, одбрана на Уставот на Македонија и суштината на вредностите на општеството.
„Она на се што треба да се апелира, она што многу долго време недостасува е чувство на заедништво. Како граѓанин, како човек кој живее овде и кој создавал барем во еден сегмент од општеството со силна волја, со сериозна упорност, доаѓаме до заклучок дека треба на крајот на краиштата треба да се чуе убавиот збор, народот, вистинскиот народ еднаш засекогаш да каже – луѓе драги, чувство за заедништво ни недостасува, вистинска човекова врадност, затоа сме тука“. Се движиме тука покрај Гимназијата, покрај Општината, па директно до Градскиот плоштад,“ изјави актерот Горан Стојаноски.
Драматургот и писател Зоран Пејкоски од своја страна истакна дека него како македонски творец му е обврска да застане во одбрана на македонскиот јазик.
„Дојде време да го одбраниме македонскиот јазик. Јас како писател морам да застанам зад македонскиот јазик, зад унитарноста на македонската држава. Треба да знаеме сите, барем од овде од Охрид, каде започнала светиклиментовата традиција врз која ја базираме Македонската православна црква. Тука се темелите на цивилизацијата на Европа и затоа почувствував потреба како македонски писател да застанам зад Македонија“, рече Пејкоски.
Протести на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва се одржаа во повеќе градови во земјата.