Во рамки на сеопфатната стратегија за поддршка на средното стручно образование и негова синхронизација со пазарот на трудот, преку “Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“, Министерството за образование и наука со поддршка на Светската банка спроведува мерка за поврзување на средните стручни училишта со бизнис заедницата, преку доделување на неповратни средства во висина од 5.000 до 20.000 евра за проекти кои училиштата ги имаат изработено во партнерство со некоја компанија, а со крајна цел – зајакнување на нивната меѓусебна соработка и унапредување на практичната настава и вештините за вработување на учениците.
Во таа насока, минатата година беше објавен повик за распределба на средства, на кој пристигнаа вкупно 110 предлог проекти, а беа прифатени 54, чиешто финансирање се реализира етапно.
Исклучително позитивен пример е проектот на скопското средно училиште АСУЦ “Боро Петрушевски“, кое заедно со компанијата “Еуроимпекс“, во рамки на училиштето основаа реална компанија, односно Сервис за брзи поправки.
Станува збор за проект финансиран со буџет од 20.000 евра за набавка на соодветна опрема, која е веќе инсталирана и се применува за практична настава на вкупно 190 ученици од машинската струка. Тие своите вештини ги развиваат преку сервисирање на возилата на училиштето, но и преку обезбедување на услуги за многу надворешни клиенти.
За непречено функционирање на реалната училишна компанија, спроведени се обуки на 14 наставници, а континуирана е поддршката и од стручни лица вработени во Еуроимпекс, компанијата партнер во проектот, но и од Министерството за образование и наука кое и во периодот што следи ќе продолжи да обезбедува максимална логистичка и финансиска поддршка на сите одобрени проекти.