Недела на Православието

Недела на Православието е наречена првата недела од Велигденскиот пост, кога всушност се празнува победата на иконодулите (почитувачите на иконите) врз иконокластите (иконоборците), изразена во одлуките на Седмиот вселенски собор. Оттука, Црквата си спомнува за повторното воведување на иконите во јавните богослужби и храмови, како и приватните домови на верните.

Службите за овој ден најчесто вклучуваат и литија околу храмот, при што свештенослужителите носат икони од светителот на храмот и други светители – заштитници, со што ја објавуваат победата. Во областите каде постоја паралелни јурисдикции (како на пример во САД), најчесто се организира сеправославно бдение.

Значење

Секоја од неделите од Велигденскиот пост е посветена на определен настан или личност значајни за православната вера. Историски гледано, секоја недела во Великиот пост била користена за подготовка на огласените за нивното Крштение (на Пасха), и токму затоа се разгледувале најважните моменти од учењето на Црквата и животот, потребни за катихетот да се оспособи за свет живот.

Историско значење

Историското значење кое овој ден го нуди е победата на вистинската вера. „Ова е победата која го победи светот – нашата вера.“ (1 Јован 5,4) Исто така, иконите на светителите го носат сведоштвото дека човекот, создаден по образ и подобие Божјо, станува свет и богообразен преку очистувањето од гревови. Врската помеѓу победата над иконоборците и Великиот пост е историска, затоа што се случила токму во првата недела на Постот, соодветната година.

Духовно значење

Првично оваа недела на Великиот порст се празнувал споменот на големите пророци, како Мојсеј, Арон и Самуил. Стиховите на алилуја и евангелските чтенија ја откриваат оваа постара употреба. Апостолот се чита од Посланието кон Евреите, 11,24-26,32-12,2. Огласените на овој начин, во раната Црква, го слушале Апостолот за Старозаветните мажи кои живееле со вера во ветувањето чие исполнување не го виделе.

Се чита и од Светото Евангелие според светиот апостол Јован, 1,43-51, каде повторно се нагласува: „отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се качуваат и слегуваат над Синот Човечки.“ Огласените на раната Црква, и верните чеда на денешната Црква се припремаат за Пасхата, и им се укажува дека со вера ќе го видат исполнувањето на сите ветувања, и пројавувањето на Царството Небесно, во Црквата.