Започна стручно усовршување во офицери во АРМ за подофицери и професионални војници со завршено високо образование

„Во овој момент, вие започнувате нова етапа во своите животи, етапа во која низ стручно усовршување на Воената академија, во наредните неколку месеци, ќе го остварите својот сон и ќе станете офицери на Армијата на Република Македонија“, им порача министерот за одбрана, Зоран Јолевски, денес во Воената академија, на 23-подофицери и професионални војници кои имаат завршено цивилно високо образование и се пријавија на огласот за стручно усовршување на повеќе специјалности во Армијата. Ваков тип на стручно усовршување се организира по повеќе од осум години, а басенот на лица кои имаа можност да се пријават на огласот на Министерството беа подофицери и професионални војници во Армијата на Република Македонија.

Министерот Јолевски, на првиот академски час, посочи дека во рамките на 3-месечниот едукативен процес, ќе се постигнат неколку суштински цели и тоа создавање на добро едуциран офицер, компетентен во техничка, тактичка и лидерска смисла, кадар кој ќе поседува вештини, знаења и способности потребни за справување со сите предизвици во професијата. Посебната цел на школувањето и обуката во Воената академија е оформување на лидери, психофизички и морално подготвени и стручно оспособени за извршување на формациските должности во Армијата на Република Македонија во сите услови.

„Горди сме на вас и на вашиот ентузијазам и нескротлива желба за стручно усовршување и изградба на успешна професионална кариера, бидејќи како професионални војници и подофицери во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија и покрај вашите секојдневни професионални обврски смогнавте сили да завршите и високо образование на Универзитетите во Република Македонија“, додаде министерот во обраќањето.

Стручното оспособување и усовршување на 23-кандидати подофицери и професионални војници се врши по објавениот оглас на Министерството за одбрана и согласно потребата за офицерски кадар од 6 струки и тоа правна, интендантска, техничка, финансиска, музичка и сообраќајна струка.

Со можноста за произведување во офицери на Армијата на Република Македонија, Министерството за одбрана покажува дека се грижи за развојот на вработените во Министерството и припадниците на Армијата, како и дека се прават напори најадекватно да се искористат вештините и знаењата на секој припадник на Армијата, особено во областите за кои Армијата има потреба за пополна.