Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка за Македонија, Арни Бјорнстад.
На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија, по противуставната одлука на Ѓорѓе Иванов да не го даде мандатот за формирање на новата Влада според мнозинската волја на граѓаните.
„Уставната криза што ја предизвика Ѓорѓе Иванов со одлуката да не го даде мандатот на парламентарното мнозинство обезбедено со потписи од 67 пратеници избрани од граѓаните е штетно и опасно сценарио што ја продлабочува политичката криза во Македонија. Овој развој на настаните е во интерес само на Никола Груевски кој преку насилство и провокации се обидува да спречи мирен трансфер на власта, спротивно на мнозинската волја на околу 700.000 граѓани. Неопходно е Иванов што побрзо да ја смени одлуката и да го даде мандатот за формирање на новата Влада во Македонија, што е интерес и на граѓаните и на државата“, рече заменик претседателката Радмила Шекеринска.
Заменик претседателката Шекеринска додаде дека Уставот предвидува јасни решенија за излез од политичката ситуација што ја креира Иванов за да го штити Груевски.
Заеднички е констатирано дека Уставот и законите на државата мора да бидат почитувани и спроведени од сите институции на системот и дека единствениот пат за евро-атлантски развој на Македонија е да продолжат демократските процеси.