Перманентна работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, посветено и совесно ја спроведува. Како резултат на постојаната ангажираност на активистите на Црвен крст и службите за трансфузиологија во текот на целата година, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град.
„Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв допринесе да бидат спасени многу човечки животи.“– велат од Општинскиот Црвен Крст.
Честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството во Р.Македонија, Црвен крст Охрид изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца и ги поканува на пригодна свеченост во просториите на Црвен крст Охрид денес со почеток во 13:00 часот, на која ќе бидат доделувани признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.