Под покровителство на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе се одржи петтиот по ред Кодфест тек фестивал на кој дваесет и седум тима ќе учествуваат на 32 часовен технолошки натпревар во развивање технолошки идеи.
Покрај натпреварот, на годинешното издание на Кодефест, чиј организатор и основач е здружението „Старт ап зона“, ќе се одржи и еднодневна конференција за технологија и стартапи на која пред 400-тини учесници ќе говорат реномирани технолошки и бизнис експерти од САД, Велика Британија, Шпанија, Данска и Македонија. Паралелно со маратонот и конференцијата ќе се одржи мини саем на компании и организации од областа на технологијата, на кој ќе се претстават 15 стартапи. Здружението „Старт ап зона“ најавува и одржување на 15 работилници на различни теми како хардвер, маркетинг, социјални медиуми и слично.
Во рамки на Кодфест тек фестивалот, тим на Фондот за иновации ќе организира и практична работилница како да се подготват поквалитетни предлог проекти за четвртиот повик преку кој се доделуваат 1,45 милиони евра, со кои ќе може да се поддржат 25 претпријатија.
Петтото издание на Кодфест ќе се одржи од 7 до 9 април во Охрид, а ќе се одвива под мотото „Славење на иновациите во технологиите“.