Скопскиот аеродром Александар Велики, со кој оперира ТАВ Македонија, е рангиран меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа за 2017 година, на Светските Аеродромски награди, одржани неодамна во Амстердам, во организација на реномираната британска организација Skytrax.
Свечената церемонија на Светските Аеродромски Награди на ,,Скајтракс’’ се одржа во Амстердам на саемот за аеродромски услуги ,,Passenger Terminal EXPO’’ , каде што скопскиот аеродром го зазеде десеттото место на листата ТОП 10 најдобри аеродроми во Источна Европа, во категоријата ,,најдобри аеродроми според глобалниот регион’’.
Оваа листа ја предводи аеродромот во Будимпешта, а по него следуваат аеродромите во Талин, Киев, Рига, Белград, Тблиси, Софија, Братислава, Букурешт и Скопје.
„На наше големо задоволство оваа година повторно се најдовме на листата меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа, трета година по ред, што е уште еден доказ за напредокот кој го постигнавме со скопскиот аеродром Александар Велики во изминатите седум години. Ова признание ја потврдува нашата посветеност на подобрување на квалитетот на нашите услуги, и за авиокомпаниите и за патниците. Клиентите се најважните стејкхолдери на компаниите и оттука ние како аеродромски оператор ги цениме нивните барања и мислења и секогаш работиме во насока на подобрување на нивното задоволство“, изјави Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во рамки на Светските Aеродромски Награди, најдобрите 10 аеродроми во светот за 2017 година се: Чанги во Сингапур, Ханеда во Токио, Инчеон во Јужна Кореја, аеродромите во Минхен и Хонг Конг, Хамад во Доха, Чубу Центреир во Нагоја – Јапонија, аеродромот во Цирих, Хитроу во Лондон и аеродромот во Франкфурт.
„Скајтракс“ е истражувачка организација основана во 1989 година со седиште во Лондон, Велика Британија. Организацијата е специјализирана за спроведување на истражувања во авиоиндустријата посветени на подобрување на услугите што авиокомпаниите и аеродромите им ги нудат на патниците низ светот. Станува збор за најпрестижното признание во аеродромската индустрија, кое се добива врз основа на најголемото годишно истражување на задоволството на клиентите на аеродромите.
Наградите за 2017 година се базирани на обработка на 13,82 милиони анкетни прашалници пополнети од корисници од 105 различни националности. Истражувањето е направено во периодот од Јули 2016 година до Февруари 2017 година и опфаќа 550 аеродроми во светот, оценувајќи го искуството на патниците низ различни клучни индикатори на аеродромските услуги и производи: пријавување, пристигнување, трансфери, купување, безбедност, движење кон делот на заминувања се до гејтовите и други услужни сегменти. Светските аеродромски награди се глобален бенчмарк за висок квалитет на аеродромите, пошироко познати како Passenger Choice Awards.
Покрај рангирањето меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа, скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ е добитник и на престижната награда ASQ (Airport Service Quality) за најдобар аеродром во Европа во категоријата под 2 милиони патници, признание добиено од ACI (Airports Council International), три години едноподруго, во 2012, 2014 и 2015 година, базирано на анкетите направени во 2012, 2013 и 2014 година.
ТАВ Македонија ги заврши првите два месеци од 2017 годија со зголемување на бројот на патници од 9%, достигнувајќи 238.180 патници на двата македонски аеродрома – ,,Александар Велики’’ во Скопје и ,,Свети Апостол Павле’’ во Охрид. Минатата 2016 година ја заврши со 1,8 милион патници на двата аеродрома, при што порастот на годишно ниво е 15%, додека истовремено бројот на летови беше 16.883, со зголемување од 8,9%.
Најдобри аеродроми во Источна Европа
1. Будимпешта
2. Талин
3. Киев Бориспољ
4. Рига
5. Белград
6. Тбилиси
7. Софија
8. Братислава
9. Букурешт
10. Скопје
Најдобрите 10 аеродроми во светот
1. Чанги во Сингапур
2. Меѓународниот аеродром Ханеда во Токио
3. Меѓународниот аеродром Инчеон во Јужна Кореја
4. Аеродромот во Минхен
5. Меѓународниот аеродром во Хонг Конг
6. Меѓународниот аеродром Хамад во Доха
7. Чубу Центраир во Нагоја – Јапонија
8. Аеродромот во Цирих
9. Аеродромот Хитроу во Лондон
10. Аеродромот во Франкфурт