Во издание на Издавачката куќа „ПНВ“ — Скопје, излезе од печат најновата книга Шафран, книга со хаику поезија од Пере Ристески.
За најновото хаику остварување на Ристески, проф. д-р. Димитар Пандев вели: „Збирката Шафран се чита како поема. Од почеток до крај е целина. Ода за шафранот. Но исто така се чита и засебно секоја хаику песна. Секоја од песните си е песна со своја тема и свој ритам. Практично, како да имаме две хаику збирки во една. Уште една доблест на оваа книга. Додека ги чита овие хаику песни, читателот може да се најде и во Јапонија и во Јужна и Америка, во Шпанија и Франција, како и во Македонија. Таму каде што има услови за одгледување шафран. Таму каде што ги има сите годишни времиња. И каде што има славеи, врби, води, жетви, глог, облаци, сонце, ветар, дожд, јоргован, липа… Идеално шифриран контекст за хаикуто! И мирис. Со оваа збирка Пере Ристески го надразнува сетилото за мирис. И ја буди потребата на сетилото за вкус. И нуди спокој. И мир во душата. Како шафранот.“
Покрај хаику, Ристески пишува и танка и сиџо поезија објавувана во реномирани списанија во Европа и светот.