Откриени измами и мигранти, запленети девизи, лекови, техничка стока, свежа риба, цигари и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија две измами, еден обид за нелегален влез на мигранти и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани готови пари, лекови, делови за мобилни телефони, технички производи, свежа риба, соја, безалкохолни пијалоци, цигари, облека и фалсификати. Задржани се следните производи:

Девизи

– 5.500 евра, откриени при личен претрес на двајца македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во рачна ташна на возачот, сместена во фиоката за документи, биле пронајдени 5.000 евра, а во паричникот на сопатникот, сместен во заден џеб од неговите панталони, биле пронајдени 4.500 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи, на двајцата патници им биле вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а привремено биле задржани 3.000 евра од возачот и 2.500 евра од сопатникот. Против двајцата патници се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

– 180.000 денари, откриени при личен претрес на албански државјанин, кој со албански автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ќафасан. Патникот пријавил дека со себе носи 800 евра, но при личниот претрес, во џебови од неговата јакна биле пронајдени 300.000 денари. Согласно законските прописи за внесување и изнесување на домашна валута, на патникот му биле вратени пријавените евра и 120.000 денари, износ што може слободно да се изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

Лекови

– 12.943 разни таблети, 129 прашаци и суспензии за инекции, 30 парчиња капки за очи, 10 пакувања прашак за инхалација, 25 инхалатори, 75 гелови, 2.000 стоматолошки брусилки, 1 сет стоматолошки материјал и 40 спрејови, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените лекови и стоматолошки материјали, пронајдени во два куфери сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

Делови за мобилни телефони и техничка стока

– 965 делови за мобилни телефони (полначи со УСБ кабли, полначи за во автомобил, слушалки, звучници, батерии, магнетни држачи, заштитни стакла, футроли и УСБ кабли), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. Покрај тоа, во возилото биле пронајдени и 67 делови за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки (адаптери со УСБ кабел, слушалки, полначи и полначи со надворешна батерија), кои се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. За истите, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 3 употребувани електрични апарати, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, покриени со личниот багаж на патниците, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Свежа црвеноперка, соја и безалкохолни пијалоци

– 150 килограми свежа црвеноперка, 1 рибарско јаже, 1 рибарска мрежа и 1 килограм пловки за рибарска мрежа, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во багажникот, покриени со лични работи на возачот, и под хаубата на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 135 килограми соја, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената соја, пронајдена во три вреќи сместени на креветот во кабината на камионот, е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 479 лименки со безалкохолен пијалок, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените лименки, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 32 штеки цигари, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на швајцарско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари, пронајдени под тапацирот на страничните делови од конструкцијата на возилото, во кутија со ланци, во кутија со јаболки и помеѓу багажот на патниците се привремено задржани. Против возачот кој се пријавил како сопственик на цигарите, ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 26 штеки цигари без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во кеса сместена во багажниот простор, на полицата кај задното стакло покриени со јакна и во фиоката за документи се привремено задржани, а против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека

– 116 парчиња облека (маици, блузи, хеланки, панталони и елеци), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 39 машки рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на пратка од Кина, наменета за физичко лице од Косово, пријавена за транзитна постапка во царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење.

Поради сомневање дека се работи за фалсификувана стока, истата е привремено задржана и согласно законските прописи Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на нејзината оригиналност.

Измама

Во царинска испостава Делчево-отсек за стоково царинење е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење метални рекламни рафтови, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 10% и стапка за ДДВ од 18%. По извршениот документарен и физички преглед на стоката, било утврдено дека производите треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 3.600 денари, а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок.

Во царинската испостава Кавадарци е откриен обид за увоз на производи кои подлежат на мерки на трговска политика, без да биде приложена потврда издадена од надлежна институција.

Увозник од Кавадарци, кој пријавил за увозно царинење батерии, не приложил Потврда од Министерство за животна средина и просторно планирање, потребна за увоз на таков вид производи, со што направил царински прекршок. Изготвен е Записник за утврдени основи за примена на мерки на трговска политика, со кој на увозникот му е даден рок од 8 дена за обезбедување на соодветната потврда, заради пуштање на стоката во слободен промет. Покрај тоа бил изготвен и записник за тарифна ознака поради погрешно тарифирање на производите.

Мигранти

Во царинската испостава Гевгелија биле откриени 9 илегални мигранти, при контрола на македонски камион натоварен со стока од Турција, пријавен за увозно царинење. Во товарниот дел на камионот, помеѓу палетите со стока, биле пронајдени 3 полнолетни и 6 деца со авганистанска националност, кои се предадени на полициската служба на грааничниот премин Богородица.