Осма година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот.
Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени!
Поради актуелната сеопфатна ситуација во државата, која за жал има влијание и врз граѓанскиот сектор, оваа година решивме да го намалиме интензитетот на акцијата и да организираме само исклучување на осветлувањето на одредени локации во Скопје и Охрид, а останатите активности кои ги планиравме ќе бидат распределени во текот на годината.
Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштад Македонија со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.
Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини.
Своја поддршка кон акцијата најавија Македонски телеком, кои ќе ја исклучат административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје која ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.
„Ме радува фактот што Македонија, како верен партнер на Часот на планетата Земја, и оваа година ќе ги исклучи светилките и ќе се приклучи во фамилијата на преку 178 земји кои ги исклучуваат за оваа акција.“ – вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.
И оваа година Македонија доби свое место во глобалната видео реклама која се користи за светска промоција на оваа акција, а вметнатиот инсерт од исклучувањето на плоштадот во Скопје може да го видите во 00:26 секунда
(ЛИНК ДО ВИДЕО, ДА СЕ ВМЕТНЕ ТУКА – https://www.youtube.com/watch?v=v0bEs3a7M_A&t=83s)
Оваа година, кај нас одма по ред, под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ние ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени.
„Можеби исклучувањето на светилките во вашиот дом нема да направи голема разлика локално, но замислете го ефектот кога милиони луѓе ширум светот, во сабота во 20:30 часот ќе ги исклучат светилките, испраќајки порака дека на планетата и е потребна акција за спасување веднаш и сега. Тоа е моќта која индивидуалецот ја има за да направи промена.“ – додава Селков.
Поради фактот што оваа година кампањата ја фокусиравме за споделување на опасноста од климатските промени преку социјалните мрежи, наш медиумски амбасадор за 2017 година е кој друг, освен гуруто за социјални мрежи во Македонија, Ина Многуфина која секојдневно ги известува своите фанови за акцијата.
Дополнително, ги поттикнуваме и поддржуваме граѓаните, училиштата и невладиниот сектор да креираат свои проекти за Часот на планетата Земја.
Една од тие невладини организации е Центарот за климатски промени кои во Скопје и во Охрид, во повеќе училишта ќе прават работилници на тема Часот на планетата Земја. Ќе бидат изработувани рачни ракотворби, постер од пластични капачиња, ветерен парк од комунален отпад, постер изработен со стари светилки и останати ракотворби кои потоа ќе бидат изложени во трговскиот центар Сити Мол во Скопје.
За Часот на планетата Земја
Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креирано од WWF, а поддржано од UN. Како една од првите кампањи креирана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настан кој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.