Кривична пријава за двајца наркодилери од Скопје

СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против лицата С.Т. (44) и Ѓ.Г. (30), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

На 11-ти овој месец, по претходно добиени сознанија и со наредба од Судија на претходна постапка, полициски службеници извршиле претрес во куќата на девојката на С.Т., каде пријавениот привремено престојува, при што биле пронајдени и одземени 223,79 грама исушена марихуана и семки од марихуана спакувани во три најлонски кеси, 8,43 мл масло од хашиш, како и две ваги со остатоци од марихуана. Пријавениот, кој е познат дилер на наркотични дроги, во текот на овој месец дрогата ја набавил од засега непознати лица, ја препакувал и почнал да ја продава на уживатели од Скопје.

Исто така на 20-ти овој месеца, по претходно добиени сознанија и со наредба од Судија на претходна постапка, извршен е претрес во домот и другите простории на Ѓ.Г., при што се пронајдени 12 полиетиленски кесички за улична продажба, четири поголеми кесички, три тегли и една кутија од цигари во која имало наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од 598,28 грама, три зипер кесички во кои имало растителни семки со вкупна нето маса од 2, 70 грама, како и дигитална вага на која се пронајдени остатоци од различни опојни дроги. Пријавениот Ѓ.Г. во текот на овој месец, од засега непознато лице, ја набавил дрогата и ја препакувал во помали пакувања со намера улично да ја продава на уживатели од Скопје.

Од страна на Судија на претходна постапка на двете лица им е одредена мерка притвор. На С.Т. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека Ѓ.Г. мерка притвор во траење од осум дена.